Поминаа изборите во соседна Бугарија. Не траеше чудото три дена, но сепак дојде и помина. Бојко Борисов, иако формално ги доби изборите со најмногу освоени проценти од гласовите, нема да може да формира власт. Неговиот коалициски партнер, Каракачанов, не го помина ни прагот за влез во собранието. Загубите во нивните претпоставени гласачки тела се големи. Тие се должат на очигледното незадоволство од политичкото владеење (изразено преку многу масовни протести во минатите две години), но и од економските политики што придонесоа за осиромашување на и онака сиромашното население (последно место во европски просек). Како што стојат работите, еден шоумен ќе биде главниот лик за премиер на Бугарија: Слави Трифунов. Поддршка му стигна од бугарските социјалисти, па дури и од премиерот во заминување, Бојко Борисов. Бугарите си го кажаа своето.
Што се однесува на влијанието на бугарското предизборие, негаторската политиката и понижувањето спрема Македонија и Македонците доминираше и кулминираше во бугарскиот медиумски простор и политичката кампања на (главно) тогашните владеачки партии (ГЕРБ и ВМРО-БНД) во минатите 2 години. По блокадата на македонскиот пристапен пат до ЕУ, и покрај противењето на многу европски држави и САД за блокадата на Македонија, Бугарија остана на својот иредентистички и територијално-агресивен став. Бугарија го кажа своето во т.н. Објаснувачки меморандум, клеветничкиот памфлет со наци-содржина на неостварени соништа. Многу зла крв за никаква корист.
Историјата повторно се покажа премногу за да може да се свари. Не е прв пат, на Балканот ништо ново. Прашањето е до кога ќе може да се одржи оваа ситуација на заглавени ЕУ-перспективи за Македонија, со оглед на сѐ поочигледното вмешување на големите сили (САД) и интересот за брзо решение и откочување на интеграцијата во ЕУ на останатиот Балкан.
Која е перспективата на македонско-бугарските односи во следниот период?
Свесен сум дека позицијата на Бугарија во однос на Македонија е монолитна меѓу сите политички партии и главни политичари: доказ за тоа е едногласното решение за изгласување на погрешниот „клеветнички документ“. Веројатно ќе продолжи политичката и медиумската агресија кон соседот, но, да се надеваме дека бугарската влада во формирање ќе има доволно храброст и мудрост да се соочи со сегашноста и да придонесе за зближување, а не оддалечување на нашите два народа. Како за почеток, ќе мора да се откаже од т.н. Објаснувачки референдум, кого го испрати по сите мисии на земјите од ЕУ. Тоа ќе биде можеби тешко, но не и неизводливо, во замена за идни перспективни договори и проекти за соработка.
Нашата држава и влада се во незавидна положба поради принципот на едногласие при решавањето на важни прашања во ЕУ, но ќе мора да соработува. Сепак, ќе треба да знае дека нема да помине повторно национално понижување од кое било наметнато, непропорционално решение на штета на македонскиот суверенитет и идентитет.
Една будистичка мудрост за крај: Минатото било и поминало. Иднината не можеме да ја предвидиме. Сегашноста е времето во кое треба да живееме.
Автор: Милан Велески, магистер по туризам