Премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција истакна дека не му паѓа на памет да даде оставка или да побара оставка од министерот за здравство Венко Филипче поради лошото справување со пандемијата, високата смртност кај пациентите од ковид-19 и доцната имунизација на населението кои за опозициските партии се доволни причини за нивни оставки.
„Сега имаме работа треба да се води грижа за граѓаните, за болните, да излекуваме повеќе пациенти, да се фокусираме системот да фунционира, да имаме вака позитивни реакции што ги гледаме од ситемот на вакцинација, да го јакнеме, да го засилуваме, заради тоа што едно е јасно – дека со вакцината може да ја победиме пандемијата, а истовремено да бидеме ефикасен сервис на граѓаните. Така што, не ми паѓа на памет да дадам оставка, ниту да барам оставка од најекспонираниот министер во моментот, а тоа е министерот за здравство кој со здравствениот персонал работи максимално посветено за доброто здравје на нашиот народ“, рече Заев.
Како што истакна премиерот, недостигот на вакцини предизикува проблем и во Германија, Америка, Кина Русија и секаде во светот, и поради тоа не може да се бара одговорност за недостиг на вакцини во земјава.