Денешната младина е најобразованата генерација досега. Но, и покрај знаењето и вештините кои ги поседуваат, младите лица во нашата држава се соочуваат со многу предизвици во нивната интеграција на пазарот на трудот. Целокупните социо-економски состојби нанашата земја, имаат големо влијание на невработеноста на младите лица. Евидентно е несовпаѓањето на образовните програми и знаењето и вештините кои се потребни на пазарот на трудот, што води до долги периоди на барање на работа, неможност да се задржи работното место, како и пристап до нискоквалификувана работа.
Од друга страна, приватниот сектор има клучна улога во обезбедување на повеќе, но и подобри работни позииции за младите лица, со цел да се одговори на предизвиците од аспект на невработеноста на младите лица која во нашата држава е на високо ниво.
Јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор преземаат многу иницијативи насочени кон развој на кохерентни и коодинирани активности за младинско вработување, а неоспорлив факт е дека експертската поддршка од земјите на ЕУ има големо позитивно влијание во креирањето и имплементирањето на овие иницијативи.
Република Австрија бележи значајни позитивни резултати во воспоставувањето на успешен систем за интеграција на младите лица на пазарот на трудот. Со поддршка на Сојузното австриско министерство за социјални политики, здравство, нега и заштита на потрошувачи, австриската организација Wien Work започна со поддршка на пет организации во пет градови во нашата држава за пилотирање на услуги за поддржано вработување на млади. Од страна на австриската организација континуирано се одвива процес на обука за младински коучи во граѓанските организации во нашата држава, кои ќе бидат оспособени со знаење и вештини да даваат услуги за поддржано вработување на млади.
Младинските коучи обезбедуваат советување и поддршка на маргинализирани млади лица, креираат перспективи соодветни на способностите на вклучените млади лица, и ги унапредуваат работните способности преку индивидуална поддршка насочена кон зајакнување на вештини, откривање на професионални интереси и обезбедување на обуки или работно место.
Поддржано вработување претставува концепт, кој има за цел воспоставување редовен работен однос, односно воспоставување и задржување на работно место. Поддржаното вработување е во согласност со концептите на зајакнување (Empowerment) и социјалната инклузија. Покрај тоа, тоа се заснова на следните принципи:
- Индивидуалност – Концептот на поддржано вработување го смета за уникатно секое лице со неговите индивидуални интереси и преференции, како и неговата состојба и животна историја.
- Почит – Мерките на поддржаното вработување се секогаш соодветни на возраста
- Самоопределување – Поддржаното вработување им помага на луѓето да ги користат своите интереси и преференции, да ги кажат своите одлуки и да го дефинираат својотплан за живот и работа согласно со нивната лична состојба и околностите. Со тоа се унапредува способноста на поединецот да се залага за себе и за своите потреби.
- Основани одлуки – Поддржаното вработување му помага на поединецот целосно да ги разбере своите можности, така што ќе може доследно да донесува одлуки во согласност со своите преференции, притоа разбирајќи ги последиците од сопствениот избор.
- Зајакнување – Поддржаното вработување му помага на поединецот во донесувањето одлуки во врска со неговиот начин на живот и учеството во општественото живеење. Поединецот ја има главната улога во планирањето, развивањето и оценувањето на можностите.
- Флексибилност – Кадровската и организациската структура може да се менуваат соодветно на потребите на корисникот.
Локалната Акциона Група АГРО ЛИДЕР е една од петте организации во нашата држава кои под водство на Wien Work со поддршка на Министерството за труд и социјална политика и УНДП, започнаа со пилотирање на услуга за поддржано вработување за млади лица, со што организацијата доби алатка за вработување на млади која е испробана, и е докажано дека бележи позитивни резултати во практиката во Австрија,и други европски земји.
Пилотирањето на услуга за подржано вработување преку индивидуална работа со млади невработени лица од различни целни групи, овозможи поврзување на сите релевантни чинители од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор и нивно заедничко делување за интегрирање на младите лица на пазарот на трудот, преку искористување на постоечките ресурси до постигнување на позитивни резултати – обезбедени работни места за невработените млади лица, професионална и социјална интеграција на млади лица, овозможување на социо-економски развој и намалување на стапката на невработеност.
Автор: ЛАГ Агро Лидер