Кириличното писмо е нашето писмо. Претставува јазична и идентитетска црта во историскиот развој на македонскиот народ. Од неговото создавање и прва употреба во териториите на тогашна Македонија (околината на Солун, од кадешто потекнуваат и светите наши браќа Кирил и Методиј), како говорен и пишан јазик на веќе мнозинското словенско население на овој дел од Балканот, кириличното писмо е оригинален знак на Македонија. Важно е да се спомене дека светите браќа Кирил и Методиј се творци на првата словенска азбука – глаголицата. Ова писмо се користи скоро 3 века по неговото создавање, а во некои географски области и до 18. век, особено по јадранскиот брег на Хрватска. Кирилицата, пак, настанува и се развива неколку столетија подоцна, создадена од следбениците-ученици на светите браќа, за од 12. век да стане доминантно писмо на изразување пишаните извори на нашите простори под влијание на Охридската книжевна школа. Примарна цел на новото писмо беше описменување заради христијанизација на широките словенски маси и главните пишани извори за истата низ вековите се црковните религиозни текстови и книги.
Како што кирилицата беше наш знак и печат врз минатото, така ќе биде и во сегашноста и иднината. Нејзиното зачувување преку користење е главна задача на секој од нас, не само на државните органи и институции задолжени за нејзино зачувување.
Прашањето што треба да си го поставиме е:
Колку секој од нас ја користи или не ја користи кирилицата во секојдневието? Каква е нејзината примена во Македонија?
– Сведоци сме дека користењето на кирилицата во образовниот систем е ограничена на територијата каде преовладува македонско население, што не е случај во останатите региони, каде се користи исклучиво латиничното писмо во варијантите на околните народи. Уште поизразена не-употреба на кирилицата може да се забележи во економскиот и социјалниот живот на Македонија: мноштво имиња на фирми, производи, рекламни паноа во градовите и по патиштата, па дури и национални фестивали и други свечености се пишани на латиница.
„Tga za jug“: замислете, можеби најпознатото македонско вино со носталгичното име сврзано за песната на Константин Миладинов (напишана, патем, на кирилица!), е напишано на латиница!
Ќе речете, тоа е поради широката употреба и извозот во странство, поради брендот итн., но имаме примери каде кириличното писмо е зачувано на производите, а тие сепак се добро продавани и извезувани. Патем, може да се залепи латинична етикета на серијата од производот за извоз, а друга опција е да се најдат двете писма на истиот производ (од две страни).
Друг голем проблем е двојазичноста и дво-писменоста во државните институции, каде во официјалните документи од скоро се користат две писма и два јазика, што доведува до тотална конфузија и неконзистентност во изразот, а за формата и преводот на документите и да не зборуваме! Доколку помодарството и желбата да се биде „напреден и светски“ не е основна причина за ова, тогаш можеби тоа е недоволното чувство и љубов према традицијата и писмото.
Користењето на кирилица на интернет е ограничено и мачно искуство кое не носи големи резултати на пребарувањето. Имено, најголем број од веб-локациите на државните институции се напишани на латиница, па дури и од англиски јазик (пр. министерствата www.economy.gov.mk, www.finance.gov.mk). На интернет „царува“ латиницата. Сите омилени апликации и „друштвени“ мрежи се напишани на неа. Нашата навика за пишување на англиска тастатура е можеби „виновникот“ за користење латиница во допишувањето со други и општењето на интернет. Тука би упатил барање до нашите државни и културни институции да ставаат сè повеќе податоци на македонски јазик и кирилично писмо на интернет.
Човечкото постоење се оправдува преку материјалното и духовното творештво. Тие неколку црти и форми, доведени до букви, се нашиот траг во постоењето. Кириличното писмо е наш знак, вредност и традиција кое е континуирано загрозено од туѓите писма. Да ги оставиме баналностите настрана… Мораме да ја користиме кирилицата повеќе во нашиот приватен и социјален живот, како би ја зачувале за следните генерации.
Aвтор: Милан Велески, магистер по туризам