Наместо за Прилеп, градот херој, да се пишува за нешто убаво, во последните четири години, Прилеп не се симнува од страниците за црна хроника. Грабежи, рекет, дрога, смрт. Дали е тоа така затоа што во поголем дел од институциите се поставени неспособни кадри, со сомнително образование и досиеа за проблеми со законот? Типично за владеењето на СДСМ. Истакна на денешната прес конференција Дејан Проданоски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Иако пред извесно време јавноста посведочи за полициска акција против дилери на дрога од Прилеп, во текот на вчерашниот ден, одекна непријатна вест кога МВР штуро информираше дека реализирале акција за запленување на марихуана вредна 800.000 евра и дека во акцијата, е приведен висок полициски службеник, а од медиумите дознаваме дека истиот е од Прилеп. Овој функционер кој се споменува, кој важи за близок до првите луѓе во градот, СДСМ го постави да се бори против криминалот. Дали по тоа што вчера слушнавме, гледавме и читавме истиот успешно се справувал со криминалот?
Дали тоа што во оваа акција учествувала Американската агенција за борба против дрогата потврдува само дека власта не е способна да се справи со криминалот во државава?
На прес конференција уште во 2018 година, упативме прашање до Оливер Спасовски, градоначалникот Јованоски и тогашниот претседател на совет, а сегашен пратеник Миле Талески, дали лицето за кое се пишува дека е приведено во вчерашната акција, ги исполнува условите за да биде избрано за командир? За жал, до ден денес нема одговор на поставеното прашање.
Повеќе од очигледно е дека градските власти на чело со градоначалникот Илија Јованоски не ги почитуваат професионалците во МВР. Затоа што одбиваат да и слугуваат на власта и го откриваат криминалот, истите се шиканирани и распределени по други градови.
Откако е СДСМ на власт во Република Македонија криминалот цвета, и е навлезен во секоја пора на општеството. Ако секоја држава има своја мафија, кај нас мафијата си има своја држава. Бизнисите со марихуана на некои, не смеат да трпат! Македонија како да стана Колумбија?
Почитувани, Доста е!
Редно време е да заминат од власт! Се ближи денот кога ќе одговараат! ВМРО-ДПМНЕ бескомпромисно ќе се бори против криминалот и корупцијата!“, истакна Проданоски.