Пресуда за „Трезор“: 8 години затвор за Мијалков, 15 години затвор за Грујевски


Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, првообвинет во предметот „Трезор“ за злоупотреба на службената положба и овластувања, е осуден на единствена казна во траење од 8 години.

На поранешениот началник на Петтата управа во МВР  Горан Грујевски, кој е недостапен на органите на прогонот бидејќи е избеган во Грција му е изречена  единствена казна затвор во траење од 15 години. На поранешниот помошник-министер во МВР  Небојша Стајковиќ, судот му изрече казна затвор од 5 години.

Поранешниот шеф на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски,  пак, кој се товари за помагање, е осуден на единствена казна затвор во траење од 5 години.

Во Основниот кривичен суд во Скопје пресудата за предметот „Трезор“ ја изрече судијката Џенета Бегтовиќ, која го води случајот. На соопштување на одлуката, како јавност беа присутни поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски и поголемиот син на Мијалков.

Сите четворица обвинети од Судот се задолжуваат солидарно да ја надомест штетата направена на буџетот на државата.

Воедно, со пресудата се конфискувани средства во износ од 10.819.959 денари на Финзи. Против пресудата дозволена е жалба во рок од 15 дена до повисокиот Апелационен суд.

Предметот се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на државата за набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.

Според обвинението, наместо МВР да направи директна набавка на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК од фирмата ГАМА од Велика Британија, како најекономичен начин, обвинетите договориле набавката да се изврши преку друга фирма – посредник Финзи ДООЕЛ Скопје, со што успеале да злоупотребат средства од буџетот на државата. Согласно обвинението, во овој случај се злоупотребени над 860 илјади евра од буџетот на државата.

Застапник на обвинението е ОЈО за организиран криминал, кое го презема предметот од поранешното СЈО.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи