Кластерот во штипскиот затвор се зголеми за уште 2 осуденици. Тестовите досега потврдија Ковид кај 7 лица.
Најтешка е здравствената состојба на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој вчера со ниска сатурација бил хоспитализиран во штипската модуларна болница, а попладнево на барање на семејството преку неговиот адвокат е префрлен на лекување во приватна клиника.
„Можам да потврдам дека еден осуденик е префлен на лекување во приватна клиника. Останатите шестмина осуденици позитивни на корона вирусот засега се во стабилна состојба. Во изолација се уште 13 други лица. Се почитуваат препораките и сите оние кои имале контакти со позитивните на вирусот се изолирани во едно крило од затворот“, вели во телефонска изјава за ТВ 24 Мики Тодоров, директор на Затвор Штип.
Изолираните засега не покажуваат симптоми на вирусот. Освен Чавков, во затворот од Ковид се заразени уште двајца осудени за настаните од 27-ми Април. Поранешниот полициски началник Митко Пешов и Никола Митревски-Кољо. Според затворскиот лекар, здравствената состојба на останатите осуденици е добра и се изолирани во три посебни простории.