Македонија нема да нарачува вакцини од српскиот Институт „Торлак“, кој почна со производство на вакцината „Спутник В“. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека засега нема потреба од нови нарачки бидејќи имало обезбедено доволно количини.
„Нам во овој момент не ни треба ниту 1 нарачка повеќе затоа што, според планот како што е димензиониран, имаме обезбедено 2,6 милиони вакцини“, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче најави дека на 28 април се очекува и најголемата пратка вакцини досега од 200 илјади кинески вакцини, а повтори и дека до крајот на месецот ќе стигнат и 20 илјади дози од компанијата „Фајзер“. За денеска Филипче закажал и состанок со градоначалниците на повеќе градови, каде што се планира масовна вакцинација, во Куманово, Штип, Кавадарци, Битола, Охрид и Тетово.