Министерот за здравство, Венко Филипче денеска изјави дека епидемиолошката состојба последните денови се подобрува, се намалува бројот на нови случаи позитивни на коронавирусот и дека попушта притисокот за прием на пациенти во болниците.
„Се бележат тредови на опаѓање на новодијагностицирани случаи, а нешто што е многу значајно е што се намалува и бројот на прегледи во сите ковид-центри во сите градови. Сериозно значајно е намален притисокот за прием на пациенти во болнички установи и има голем број слободни болнични кревети“, рече Филипче.
Тој најави дека од денеска ќе се почне и со ослободување на дел од одделенијата кои беа дополнително ангажирани во овој период да третираат ковид-пациенти.
„Верувам дека овие трендови ќе продолжат, оти нема да има нешто што ќе нѐ изненади, а на почетокот на следната недела ќе заборуваме понатаму и за типот на рестриктивни мерки кои ќе ги предложиме“, рече Филипче.