СДСМ Прилеп: Јованоски и СДСМ за 3 години направија многу повеќе отколку ВМРО-ДПМНЕ за 12 години


Локалната власт предводена од градоначалникот Илија Јованоски и СДСМ, за 3 години изгради и направи многу повеќе за Прилеп, отколку ВМРО-ДПМНЕ за време на нивното 12 годишно владеење. Ова се вели во писмената реакција на ОО СДСМ Прилеп, која доаѓа по прес конференцијата на претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп, Дејан Проданоски, кој истакна дека Јованоски бил еден од најлошите градоначалници во Македонија со како што рече мизерени 1.1% доверба.

Реакцијата на СДСМ Прилеп ја пренесуваме во целост.

„Со чесен и одговорен пристап, дури и во услови на економска и здравствена криза предизвикани од вирусот Ковид-19, Јованоски и СДСМ реализираа серија на капитални проекти од интерес на граѓаните на Прилеп.

Градскиот стадион „Гоце Делчев“, којшто ексградоначалникот Ристески и ВМРО-ДПМНЕ го оставија во руинирана состојба, денес е целосно реконструиран, со покриена северна трибина, со нов тревник, со рефлектори за ноќни утакмици и имаме современа фудбалска арена каква што доликува на најфудбалскиот град во државата.

Целосно е реконструиран и градскиот булевар „Гоце Делчев“, кој претставува нова гордост на градот и со кој централното градско подрачје доби целосно нов лик.

Наместо мовче како што го нарекуваа од ВМРО-ДПМНЕ, на градската река се  изгради импозантен армирано-бетонски мост, каков што не е изграден во Прилеп во изминатите 50 години.

Не постои населба во градот и населено место во општина Прилеп, каде не е асфалтирана и реконструирана дел од постојната и изградена нова патна, водоводната и канализационата инфраструктура.

Она што е насушна потреба на граѓаните, а беше мисловна именка за власта на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е изградба на нова детска градинка, денес е реалност. Во населбата Точила, во моментот се гради една од најубавите детски градинки во државата, современ еколошки објект, со капацитет за згрижување на 252 деца.

Во моментот се гради и новата спортска сала во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, каде благодарение на негрижата на ВМРО-ДПМНЕ, часовите по физичко и здравствено образование се одвиваа во импровизирана училница.

Во изградба е и новиот спортско-рекреативен комплекс кај Прилепското езеро, што е уште едно исполнување на дадениот збор пред граѓаните.

Подобрени се условите за настава во сите основни и средни училишта во општината, каде е поставена нова дограма, изградени се нови тоалети, реконструирани се многу училници.

И додека ВМРО-ДПМНЕ останува заглавена во криминалната матрица, заради што ќе им следи уште еден тежок пораз на следните локални избори, СДСМ и градоначалникот Јованоски со силно темпо продолжуваат да работат за интересите на граѓаните и ја движат општината напред“, велат од СДСМ Прилеп во писмената реакција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи