По 13-ти пат во Прилеп се одржа Велигденската хуманитарна акција во организација на неформалната хуманитарна организација „Св.Никодим Прилепски – Тисмански“, при храмот „Св.Благовештение“. Во изминативе 2 недели во сите храмови во Прилеп беа поставени кутии за донации каде граѓаните можеа да донираат средства.
Со собраните пари се купија прехрамбени производи и средства за лична хигиена кои утре ќе бидат поделени на 130 социјално загрозени семејства во Прилеп и неколку населени места.
Од хуманитарната организација „Св.Никодим Прилепски – Тисмански“ велат дека средства донирале и граѓани и дел од бизнис секторот во Прилеп. Освен пари дел од компаниите донирале и прехрамбени производи.
Дел од донациите кои биле собрани ќе бидат донирани и на семејства на кои им се потребни пари за лекување, семејства на кои домовите им изгореле во пожар и слично.
Инаку вакви хуманирни акции во црквата „Свето Благовештение“ се организираат за Божик и Велигден.
Откако беа собрани пакети, кои ќе бидат поделени утре, во знак на благодарност акцијата заврши со пеење на тропарот на Свети Никодим Прилепски и Тисмански пред неговата мироточива икона.