По повод најголемиот христијански празник, Велигден децата од градинката Светот на Колорес подготвија 200 велигденски пакетчиња за децата од социјално загрозените семејства, кои заедно со уште 200 пакетчиња од Витаминка, ги донираа за хуманитарната организација „Свети Спас”.
Од градинката истакнуваат дека донацијата е од сопствени средства на градинката, при што секое дете придонело со нешто слатко кое лично го додало во пакетчето. На оваа иницијатива од градинката се приклучува и Витаминка со донација на уште 200 пакетчиња со производи наменети за децата во социјален ризик.
„Во Светот на Колорес уште од најмала возраст ги учиме децата да даруваат, да бидат хумани, филантропи и да научат дека сите се еднакви без разлика од каде потекнуваат и од каде доаѓаат. Тоа е во духот и на големиот празник, да поделиш нешто свое со другите а притоа да не очекуваш ништо за возврат. Секое детенце учествуваше во хуманитарната акција, а целата донација ја збогативме и со учеството и поддршката од Витаминка”, истакнува Билјана Караманолевска, директор на Светот на Колорес.
Од градинка се надеваат дека и другите градинки и компании ќе го следат овој пример, ќе се приклучат и во иднина ќе донираат пакетчиња со храна секогаш кога ќе бидат во можност. „Не смееме да ги заборавиме дечињата од социјално загрозените семејства и наша обврска е да бидеме тука за нив”, додаваат од Светот на Колорес.