Државната изборна комисија во мај ќе започне со постапката за набавка на терминали за читање отпечаток од прст, кои треба да бидат ставени во употреба за локалните избори наесен.
На денешната седница комисијата едногласно ги усвои измените на планот за јавни набавки, а роковите ќе почнат да течат од идната недела, по празниците, за кога е предвидено да се спроведе технички дијалог.
Владата, како што соопштија од ДИК, преку Министерството за финансии ќе издвои 720 милиони денари за нова намена.
„Постапката ќе биде отворена. Другата недела планираме да спроведеме и технички дијалог, кој ќе трае пет дена. Постапката ќе биде јавна и транспарентна. Ќе оди преку Електронскиот систем за јавни набавки. Сите заинтересирани понудувачи или оператори, домашни или странски, можат да даваат свои препораки, да даваат забелешки на нашата изготвена веќе нацрт-тендерска документација и барање за техничкиот дијалог што се однесува до системот за биометриска идентификација на гласачите“, изјави Дитмире Шеху, потпретседателка на ДИК.
Од ДИК се уверени дека ќе има доволно време до локалните избори. Претседателот на Комисијата, Александар Даштевски, очекува целата постапка да заврши до крајот на август.
„Условот во договорот е опремата да се испорача од 30 до 60 дена, може и сукцесивно, дел по дел. Тоа би било според наши проценки крај на август, почеток на септември. Во меѓу време ќе треба да се изврши обука на тие што ќе управуваат со апаратите и да се имплементира опремата, така што, ако не излезе нешто непредвидено, ќе имаме доволно време“, изјави Даштевски.
Според проценките на ДИК и бројот на гласачки места, ќе се обезбедат околу 4 000 терминали. Измените на Изборниот законик со кои се уредува гласањето со отпечаток од прст беа усогласени на последната лидерска средба Заев-Мицкоски.