Од вторник се очекува да профункционираат вакциналните пунктови во уште 6 градови во Македонија, каде што по празниците треба да започне масовната имунизација на населeнието. Досега се вакцинирани 60 илјади граѓани. Министерот за здравство Венко Филипче очекува во наредниот период да се вакцинираат и по 10 илјади граѓани дневно.
Филипче очекува дека со отворањето на дополнителните пунктови ќе се намали метежот на пунктовите во Скопје. По Велигден со кинеските вакцини што во Македонија ќе пристигнат утре изутрина ќе стартува масовната вакцинација во спортските сали во Битола, Охрид, Куманово, Тетово, Штип и Кавадарци.
„Веќе во понеделник насекаде ќе бидат дистрибуирани кинеските вакцини согласно бројот на пријавени граѓани. Мислам дека овој систем ќе овозможи и над 10 илјади граѓани дневно да се вакцинираат и воопшто да нема никакви метежи“, изјави Филипче.