Влијанието на пандемијата од КОВИД-19 на работниците од неформалната економија

Повеќе од година откако Светската здравствена организација го прогласи КОВИД-19 за пандемија, социо-економските влијанија на вирусот сè уште постојат и се продлабочуваат.

Пандемијата од КОВИД-19 е големекономск ишок со негативни ефекти на пазарот на трудот, проследени со значајно влијание на невработеноста и статусот на неформалните работници. Неформалните работници имаат значаен придонес за економијата во нашата држава, но се исклучени од законската заштита во социјалната, здраствената, економската и друга сфера во споредба со работниците од формалната економија.

Според достапните податоци  18.5% од вкупниот број на работници во нашата држава во 2016 година биле евидентирани работници во неформалната економија. Околу две третини (65-66%) работат во секторот земјоделство,  и најголем дел од нив се жени. (Стратегија за формализирање на неформалната eкономија во Република Македонија)

Специфични групи на работници вклучително жени и млади кои се застапени во неформалната економија, како последица на пандемијата со КОВИД-19 се соочуваат со егзистенцијални предизвици и продлабочување на нивната ранливост, а резулатите од бројни истражувања покажуваат дека пандемијата ги зајакнува нееднаквостите, особено меѓу мажите и жените.

Пандемијата ги продлабочи нееднаквостите во пристапот до здравствена и социјална заштита помеѓу работниците од формалната и неформалната економија, зголемувајќи го јазот во пристапот до приходи и зголемувајќи го егзистенцијалниот ризик за работниците од неформалната економија.

Во руралните области, егзистенцијата на самовработените лица и сезонските работници е особено изложена на ризик, бидејќи синџирите за снабдување со земјоделски производи и пазарите се нарушени поради рестриктивните мерки и ограничувањата на движењето. Дополнително, неплатената работа на жените се повеќе се зголемува како резултат на влијанието на пандемијата на секоја сфера од животот, со што се зголемија економската несигурност на жените, како и  ризикот од родово насилство.

Раните наоди од истражувањето на ЛАГ АГРО ЛИДЕР, но и наодите на бројни истражувања за влијанието на пандемијата со КОВИД-19 евидентираат податоци и докази за влијанието на пандемијата врз жените, посочувајќи бројни локални и национални релевантни анализи и заклучоци за поинклузивни пандемични одговори.

Доказите што произлегуваат од иницијативата на ЛАГ АГРО ЛИДЕР за брз одговор на последиците од пандемијата првенствено ги детектираат разликите во времето што жените и мажите го поминуваат на неплатена грижа, како што се готвење, чистење и грижа за деца, како и помош на децата при виртуелно учење и совладување на образовните содржини, што води кон севкупно зголемување на одговорностите за грижа со пораст на неплатениот товар на жените што ја влошува веќе нееднаквата распределба на овие одговорности.

Пандемијата резултираше со „ненадеен и масивен пад на заработката“ за неформалните работници низ секторот земјоделство. Просечната заработка забележа намалување за повеќе од половина, а моменталната ситуација од аспект на рестриктивни мерки, растење на цените на инпутите за земјоделско производство и друго, сигнализира дека овие работници и понатаму ќе бидат во егзистенцијален ризик.

Неформалните работници прибегнаа кон низа стратегии за справување со цел да ги ублажат овие загуби, вклучително и намалување на трошоците за живот, трошење на заштедите за планираното производство, позајмување пари и други начини преку кои ќе се обезбеди  одредено краткорочно олеснување, но ќе имаат значителни негативни влијанија врз долгорочната финансиска отпорност.

ЛАГ АГРО ЛИДЕР континуирано ги следи политичките интервенции за решавање на здравствената криза која има длабоки социјални и економски влијанија врз ранливото население. Иако во нашата држава се воспоставија програми за економска поддршка како одговор на негативното влијание на пандемијата, сепак овие мерки со насочени кон работниците од формалната економија и не ги исполнуваат потребите на неформалните работници, а особено на жените. Недостатокот на регулаторна, политичка и законодавна структура за достигнување на работниците во неформалната економија, создава големи предизвици за Владата во креирање на можности за заштита и обезбедување на егзистенција на неформалните работници.

Согледувајќи ја економски и социјално неповолната ситуација на работниците од неформалната економија, неопходна е потребата од политички интервенции за поинклузивно и одржливо закрепнување од кризата, кои ќе опфатат:

  • Креирање на јавни политики врз основа на реална проценка на влијанието на пандемијата врз неформалниот сектор
  • Развој на стратегии за социјална и економска реконструкција особено насочена кон дигитален социјален инклузивен пост-КОВИД-19 одговор
  • Фокус на родовиот аспект при креирање на мерки како одговор на социо-економските влијанија од КОВИД-19.

Со континуирано следење на родовите влијанија на пандемијата, а особено на нејзиното влијание на работниците од неформалната економија, ќе може да се осигура дека политичките интервенции промовираат еднакви права и родова еднаквост, а ефектите од одговорите на политиките и стратегиите ќе забележат позитивно влијание во секоја сфера од животот на граѓаните на локално, регионално и национално ниво.

Автор : ЛАГ АГРО ЛИДЕР

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи