Дел од организаторите за бојкот на наставата утре на средба со МОН


Претставници на неформалната фејсбук – група граѓани „Учебници и настава мора да има“, која од четвртокот повикува на бојкот на наставата, утре ќе има средба со претставници на Министерството за образование и наука за да ги презентираат своите барања.

На средбата поради зафатеност, како што им било кажано, нема да биде присутна министерката Мила Царовска.

Драгана Спасевска од фејсбук-групата вели дека барале да разговараат и со министерката, но дека им било кажано оти таа има работни обврски. Таа нагласува дека имаат сѐ поголема поддршка за бојкотот на наставата, односно за нивното барање да се стопира постапката за донесување на законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование.

„Клучно за утрешната средба е дали ќе имаат слух за нашите барања, како на родители”, вели Спасевска.

Родителите поврзани преку таа фејсбук – група, за која се тврди дека има 70.000 членови, бараат да се организира јавна расправа за предложениот закон, а нивни стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции. Според нив, предлог-законот не ги решава проблемите што постојат во образованието и генерира нови, има и недоследности и импликации во останатите закони што се однесуваат на образованието во земјава.

Според Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, дигиталните учебници треба да почнат да се употребуваат од учебната 2021/2022 година, најпрво во наставата за четврто одделение, а потоа етапно, во наредните пет години, и во сите погорни одделенија. Учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени учебници.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи