Дваесет и петгодишната Халима Киси од Мали роди неверојатни 9 здрави бебиња и постави нов рекорд. Првично на ултравук биле потврдени 7 бебиња, но Киси во Мароко се породила со 5 девојчиња и 4 момчиња, сите во одлична состојба.
По двонеделен престој во болница во Бамако, главниот град на Мали, донесена е одлука Халима да се префрли во Мароко на 30 март, со цел бибањата да бидат родени на безбедно. Киси се породила во 30. недела од бременоста.
Бебињата се тешки од 500 грама до еден килограм и во наредните два-три месеци ќе бидат во инкубатор.
Министерка за здравство на Мали, д-р Фанта Сиби истакна дека породувањата за време на кои се раѓаат девет бебиња се многу ретки, компликациите се чести, па се случува новороденчињата да не преживеат и притоа им честиташе на членовите на двата медицински тима за среќниот крај.
Досегашниот Гинисов рекорд го држеше жена од САД, која во 2009 роди осум бебиња. Тие биле зачнати по пат на вештачко оплодување, сите преживеаја и денес имаат 12 години.
Во поновата историја се регистрирани два случаи на деветорки, во 1971 во Австралија и во 1999 во Малезија, но ниедно од тие бебиња не живеело повеќе од неколку дена.