Државата соработува со граѓанскиот сектор само кога ќе има корист, нема демократска култура за суштинска вклученост на НВО во креирањето политики


Гостин во ова издание на Инфо Регион е Гоце Тодороски, извршен директор на Центарот за граѓанска иницијатива Прилеп со кого поразговаравме за повеќе актуелни теми поврзани со граѓанските организации во Македонија.

Тодороски нагласува дека во овие скоро 30 години нема некоја тенденција на драстично менување на улогата и влијанието на граѓанскиот сектор во македонското општество. Државата соработувала со граѓанскиот сектор само тогаш кога ќе има взаемна корист. Ако на пример граѓанскиот сектор нуди проект со директен бенефит за локалната заедница, како што се инфаструктурни проекти, изградба на игралишта, помош во изградба на училишта, тогаш државата или локалната самоуправа се заинтересирани за соработка, но кога има потреба од давање мислења, совети, правење стратегии во одредено поле тогаш државата и не се интересира многу за соработка со НВО секторот.

Тодороски потенцира дека суштинското вклучување на граѓанскиот сектор во некој дијалог и решавање на проблемите со експерти од НВО секторот, кои ја разбираат проблематиката, оди потешко затоа што се уште како општество немаме изградено демократска култура за ова. Ако на политичарите вклученоста на НВО секторот им носи поени пред меѓународниот фактор тогаш соработуваат, а често се случува тоа да го прават и со „свои“ граѓански организации, блиски до една или друга политичка партија или органзиации креирани пред избори, чисто про форма, колку да се речи дека еве имаме дебата со НВО. Државата не прифаќа критики од граѓанскиот сектор. Доколку ги критикуваат нема повеќе да соработуваат со тие организации.

Според Тодороски исто така проблем има и во тоа што огромен број НВО, формално регистрирани околу 10.000 во Македонија, постојат само на харитија и воопшто не функцинираат на терен. Оние пак НВО кои фунцонираат на терен работат само на едноставно спроведување на проектите, а не на вршење на влијание врз заедницата. Проектот завршува, а дали ќе има влијание потоа врз заедницата е знак прашалник.

Проблем биле и човечките ресурси во НВО секторот кои често флуктуирале. Во последниве неколку години многу граѓански активисти го напуштија овој сектор и сега се во владиниот сектор. Со тоа се јавува и проблем со човечките капацитети во граѓанскиот сектор.

Одржливоста на проектите била исто така голем знак прашалник, односно дали после прекинот на средствата од донаторот ќе продолжи да функционира проектот. Дали тој ќе биде самоодржлив и дали таргет групата која била опфатена со него ќе продолжи да го имплементира понатаму. Често се случувало кога ќе заврши проектот да прекинат и сите активности поврзани со него. Од овој аспект немало голема промена во НВО секторот за овие 3 децении.

За овие состојби, но и за сите проекти кои моментално ги реализира и ќе ги реализира во иднина Центарот за граѓанска иницијатива од Прилеп погледнете во интервјуто.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи