Музеите ширум светот го одбележуваат 18 Мај, Светскиот ден на музеите.
„Музеј” е од старогрчката именка Μουσεῖον (Mouseîon) – „храм, светилиште, престојувалиште или дом на музите”, „место каде што се практикуваат уметностите и науките кои се под закрила на музите”.
Μουσεῖον е од именката „муза” (Μοῦσα). Во антиката музите биле заштитнички на уметноста и науката и биле девет на број: Клио – муза на историјата, Мелпомена – на трагедијата, Терпсихора – на танцот, Талија – на комедијата, Евтерпа – на лирската поезија, Ерато – на љубовната поезија, Уранија – на астрономијата, Полихимнија – на химните и Калиопа на епската поезија.
Најпознатиот μουσεῖον во антиката е оној во Александрија, основан од Птолемеј I Сотер или Птолемеј II Филаделф во IV/III век ст.е. Александрискиот мουσεῖον во епохата на хеленизмот, а и по неа, бил главен културен и научен центар, место каде што се вршеле разновидни истражувања од областа на сите науки кои цутеле во тоа време: филологија, математика, философија, астрономија, медицина итн. Во Александрискиот мουσεῖον се наоѓала и прочуената Александриска библиотека.
Од именката Μοῦσα („муза”) е изведен и зборот „музика”, кој буквално значи „оние нешта кои се однесуваат или кои им припаѓаат на музите“.