Владата ќе ги проверува информациите за увоз на токсични нафтени деривати, по објавата на ИРЛ „Заговор против воздухот“


Владата на последната седница дискутираше и ја оцени како вонредна и итна информацијата објавена во јавноста од страна на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и како што објави ИРЛ се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава.

„Владата со загриженост и внимателност им пристапи на изнесените информации и ја потврди силната и одлучна заложба дека нема да има компромиси кога е во прашање здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина. Со цел расчистување на сите прашања, дилеми и сомнежи изнесени во јавноста, Владата, на предлог на заменикот-претседател во Владата задолжен за борба против корупцијата, за одржлив развој и човечки ресурси заклучи дека се неопходни брзи, темелни и детални проверки на сите објавени и необјавени информации за случајот во согласност со надлежностите на секоја од институциите за увоз, трговија и контрола. Владата ја задолжи Царинската управа да спроведе внатрешна контрола за конкретниот случај, односно да се испита колкави количини од наведените нафтени деривати се увезени од 2018 до 2020 година и под која царинска шифра е извршен увозот и дали податоците во декларациите соодветствуваат со дериватот што е увезен“, се наведува во владиното соопштение.  

Државен пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат вакви горива.

Владата го задолжи и Државниот инспекторат за животна средина да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите увозници и корисници на мазут и на други нафтени деривати. Како заклучок за оваа точка е и задолжението за Министерството за економија да се побара што точно се испитува при увоз согласно Правилникот за квалитет на течни горива и дали одредбите од Правилникот се применуваат согласно европските стандарди.

Како последен заклучок Владата наложи сите институции опфатени со овие задолженија контролите да ги направат веднаш, а информациите да бидат доставени во рок од 14 дена.

Владата редовно ќе ја информира јавноста за сите нови информации поврзани со увозот на нафтените деривати за кои беа изнесени сомневања.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи