Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) доби универзитет-близнак од Бугарија. Великотрновскиот универзитет кој доби одобрение од Владата да врши високообразовна дејност во Република Македонија го носи истиот назив, во духот на бугарскиот јазик „Свети Свети Кирил и Методиј“.
За Владата нема ништо спорно што дозвола за работа во земјата добива високообразовна установа која го носи истиот назив како првиот универзитет.
Зошто Владата даде одобрение на странски универзитет со исто име како нашиот најреномиран и најстар универзитет „Свети Кирил и Методиј“, за СДК.МК од Владата велат дека сè е по закон и прописи, и дека називот: ВЕЛИКОТРНОВСКИ УНИВЕРЗИТЕТ „Свети Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново се разликува од нашиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје.
Адвокатот Валентин Пепељугоски смета дека бугарскиот истоимен универзитет требало да го смени името за настава во Македонија и тогаш не би имало проблем да го добие одобрението. Пепељугоски набројува членови од три закони кои Владата ги крши со одлуката: Законот за авторски права и индустриска сопственост, Законот за установите и членови од Законот за трговски друштва.