Чајковски, Рахманинов и др. во изведба на Емили Христоска и Даниел Петрески во петок во Цепенков


На 21.05.2021 во 18:00 часот, во ликовниот салон од НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп концерт ќе одржат Емили Христоска и Даниел Петрески, и двајцата студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Ќе бидат изведени композиции од познатите композитори: Глук, Чајковски, Рахманинов, Чилеа и други.

Концертот, според сите протоколи за заштита од корона вирусот, ќе трае околу 40 минути.

Емили Христоска е родена во 1998 година во Прилеп. Своето музичко образование го започнува во ОМУ „Ордан Михајловски – Оцка “ во Прилеп. Средно музичко училиште заврши во ДМУ во Битола.

Моментално е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Марија Муратовска Наумовска. Во текот на школувањето се има стекнато со повеќе награди од кои: неколку први награди на музичките натпревари во Македонија, прва награда на меѓународниот натпревар „Вера Ковач Виткаи”во Нови Сад, Србија.

Учествувала на повеќе концерти организирани од факултетот, како и на концертот за млади оперски надежи „Коста Трпков”, „Руска Романсијада” и други.

Има учествувано на повеќе семинари по пеење кај проф. Марија Муратовска Наумовска, како и на семинарот по актерска игра кај проф. Филип Ристовски (Букурешт), и моментално е член на Битолската Камерна Опера.

Активен член е во професионалниот хор „Pro Ars”, Женскиот Младински Хор при- МКЦ под диригенство на маестро Сашо Татарчевски.

Даниел Петрески е роден во 1997 година во Кичево. Своето музичко образование го започнува во ДМУ – Битола на насоката музичар теоретичар. Во текот на средното образование има освоено повеќе први награди на државните натпревари од областа на теориските предмети (солфеж,хармонија). Како втор инструмент ја изучува виолата и остварува учество на концерти со гудачки квартет и освојува неколку награди на натпревари за камерна музика. Во 2016 година започнува студии на Факултетот за музичка уметност – Скопје на одделот за музичка теорија и педагогија. Во 2018 година паралелно се запишува на вокално инструменталниот оддел – пијано во класата на проф.д-р Марија Ѓошевска, а корепетиција -практика изучува кај доцент д-р Елена Атанасовска Ивановска. Има настапувано солистички на полурецитал и на повеќе заеднички концерти во рамките на факултетот. Има освоено втора награда на Полифон конкурс (2019) организиран до ФМУ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи