Очигледно е дека законот не е ист за сите, па така иако граѓаните со месеци чекаат одобренија за градење, не можат да ги реновираат и надградат сопствените домови, стопанствениците не можат да ги зголемат капацитетите на своите бизниси, ијави на денешната прес конференција Влатко Петкоски од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Дали во Прилеп, градоначалникот можеби замижува пред грубото прекршување на законите и незаконско градење од страна на локалните институции во Општина Прилеп?
Зошто во ОУ „Климент Охридски“е срушен здрав ограден ѕид околу училишната зграда, и зошто бесправно и спротивно на Законот за градење е започната изградбата? Дали изведбата на овој проект е навистина неопходна во време кога голем број дечиња сеуште немаат техничка опрема и услови за следење на оn-line настава?
Дали зад проектот стои можеби нечиј личен интерес? Јавно го прашуваме директорот на ООУ Климент Охридски: -Дали и кога ООУ Климент Охридски има добиено Решение за изградба на ограден ѕид? Дали е изработен основен проект за изградба на ограден ѕид? Дали е избран надзор? Како е воведен во работа изведувачот на градежните активности и кога?
Дали Градоначалникот Илија Јованоски ќе и објасни на јавноста зошто дозволува законот да биде грубо прекршуван од лицата кои тој ги има назначено како носители на функции и директори на образовни институции?
Го повикуваме градежниот инспекторат на Општината да изврши увид на градежните работи и во најбрз рок да ги утврди сите законски недоследности и пропусти. Веќе 4 години во Општина Прилеп владее урбанистички хаос.
Почитувани, Општината не изгради ни еден капитален и корисен инфраструктуран проект за граѓаните, освен милионски мост и новоизграден и крпен булевар од кој граѓаните немаат реален бенефит. Зошто е дозволено урбанистичко дивеење низ градот и тоа од страна на локални институции? Урбанистичкиот хаос во кој е втурнат Прилеп мора да запре! Одговорност за оној кој се огрешил пред законот мора да има и ќе има!“, рече Петкоски.