Гостин во ова издание на Инфо Регион е градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, со кого поразговаравме околу туризмот и што е тоа што оваа година Крушево ќе му го понуди на странските и домашните туристи. Вчера конечно пристигна официјалната потврда дека од 17 до 31 јули во Крушево ќе се одржи Светското првенство во змејарство на кое се очекува да има над 100 натпреварувачи од скоро сите континенти на светот. Вкупно, заедно со нивните екипи и оние кои ќе дојдат да го проследат ова првенство се очекува да има над 1.000 гости за овој настан.
Оваа година ќе се продолжи и со натпреварите во параглајдинг, ќе се одржат норвешкото првенство, украинското и „Озон опен“. А ова лето во Крушево цели 3 месеци ќе присуствува и тим на најголемиот производител на падобрани во светот, компанија која најавила и свои инвестиции во Крушево.
Во моментов се гради контролна кула на стартот за параглајдери кај Мечкин Камен, а се планира да се изградат и нови стартни рамнини. Во заеднички проект со Албанија вреден 700.000 евра ќе се уредува и паркинг просторот на Мечкин Камен.
Се работи на промоција и на другите адреналински спортови. Ќе се обележуваат околу 40 км. патеки за планински велосипедизам, а на терените на Станиќ ќе се гради авантуристички парк, се планира изградба и на зип лајн и пат за да може со возила да се стигне до самите терени.
Со Христоски поразговаравме и за тоа зошто цели 6 години се реновира и се уште не е отворен музејот на Илинденското востание и дали тоа има врска со Договорот за добрососедство со Бугарија. Каква е состојбата и со другите музеи во Крушево, како ќе се реши проблемот со водоснабдувањето, важен фактор за развој на туризмот и кога Крушево ќе добие подобра патна инфраструктура. Повеќе околу сите овие теми погледнете во интервјуто.