Во пресрет на празникот 24 Мај – Денот на словенските просветители светите браќа Кирил и Методиј НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, ООУ „Св. Климент Охридски“ и уметникот, хуманитарец и кандидат за Нобеловата награда за мир Живко Поповски – Цветин, организираа дочек на Цветната штафета на мирот.
Идејата за организирање на „Цветната штафета“ е токму на Живко Поповски– Цветин кој речиси целокупното свое творештво изминатите три и пол децении го има посветено на цвеќето и на сопствената мисија со основната порака: „На светот му се потребни: мир, храна, солидарност, љубов…“
Цветната штефата на 21 јануари тргна од ОУ „Живко Брајковски“ во скопската населба Бутел, за во очи на престојниот празник на Кирил и Методиј да пристигне во Охрид.
„На овој начин ја поддржавме идејата на Цветин, преку неговата цветна штафета и од Охрид децата да ја испратат пораката за мир и љубов. Не случајно бевме во ова училиште на ридот што го носи името на големиот свети Климент Охридски. Сакавме во годината кога се одбележуваат сто години од раѓањето на Блаже Конески, пред Денот на сесловенските просветители да ги споиме вековите и овој заслужен творец од областа на современиот македонски јазик, литература и култура со светите Кирил и Методиј, Свети Климент и Григор Прличев, за да останат врежани во колективната меморија на децата“, рече Милчо Јованоски од Библиотеката „Григор Прличев“.
Поповски досега има подарено над 55 илјади слики „Цвеќе на мирот“ на државници, политичари, поети, музичари, нобеловци, студенти и ученици, артисти, спортисти и разни хуманитарни организации и здруженија. Досега тој има организирано над 300 изложби на сите континенти.
Поповски е првиот македонски сликар чија ликовна изложба беше претставена на Интернет, под наслов „52 Цвеќиња на мирот за 52 години на ООН“ во 1997 година, по повод годишнината на ООН. Во 2009 година тој беше кандидат за Нобелова награда за мир, кога од 205 кандидати, беше меѓу првите петмина во потесен избор.
Идејата е „Цветната штафета“ во текот на оваа година да ја обиколи целата држава, со можност иницијативата да се прошири низ Балканот.