Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски вели дека како компанија ги прават пресметките и напорите да испорачаат повторно како и минатата година 100 отсто електрична енергија по цена која ќе ни ја регулира Владата.
Тој при донирањето машина за чистење подови, средства за хигиена и дезинфекција за вакциналниот пункт во Битола рече дека крајната одлука ја носи Регулаторната комисија за енергетика, но како компанија имаат обврска да испорачаат 70 отсто електрична енергија кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.
,,Одлуката ја носи Регулаторната комисија која е независно тело. Иако законската обврска за годинава е да испорачаме 70 проценти кон универзалниот снабдувач ЕВН Хоум, како компанија ги правиме пресметките и напорите да испорачаме повторно како и минатата година 100 проценти електрична енергија по цена која ќе ни ја регулира Владата. Се надевам и очекувам цената во нашиот дел како ЕСМ да нема промени иако учествуваме со нешто околу 40 проценти во вкупната цена на струјата. Сметам дека и годинава ќе ја стабилизираме цената да нема зголемување или ако тоа евентуално се случи, за што одлучува Регулаторна, да биде нешто минимално во факторот на корекции”, изјави Ковачевски.