Mоментално на Марс има три ровери кои имаат една иста задача, да се најдат било какви знаци на живот.
Истражувачи од американската вселенска агенција НАСА претпоставуваат дека откриле траги од органски соли на површината на Црвената планета Марс. Ова би ја докажало хипотезата дека на Марс некогаш имало живот, доколку откритието биде потврдено.
Една студија, објавена во „Весник за геофизички истражувања: Планети“, открила дека органските соли, како што се железо, калциум и магнезиум оксалати и ацетати, можат да бидат распространети во седиментите на површината на Марс.
Истражувачите претпоставуваат дека солите се остатоци од органски соединенија кои теоретски би овозможиле постоење на живи организми.
Истражувачите користеле два инструменти од роверот „Кјуриосити“. Првиот инструмент собира примероци и го анализира нивниот состав, а со него било направено откритието. Сепак, вториот инструмент на роверот треба да го потврди откритието.
Главниот автор на истражувањето, Џејмс Луис, изјавил дека станува збор за остатоци кои можеби се стари милијарди години. Oткритието би требало да се потврди со алатки што ги нема на роверот, туку само на Земјата.