На компаниите од угостителството и туризмот им недостига 50 проценти од потребниот кадар, пред се келнери, рецепционери, готвачи и помошници готвачи, покажуваат резултатите од интерната анкета што ја спроведе Стопанската комора.
Во 2020 година, според Комората, овој сектор доживеа целосен крах и во првите месеци од годинава се уште има застој. Најголем дел од кадарот поради неизвесноста се прелеал во секторите транспорт и градежништво. Сега Комората преку брзи преквалификации ќе се обиде да обезбеди работници со цел да се спаси претстојната туристичка сезона. Обуките се за преквалификација или доквалификација и ќе вклучуваат 50 до 100 лица (една обука).
„Ковид пандемијата ги измени досегашните потреби во угостителската дејност за составот на работниот кадар кој им е потребен во процесот на работењето. Предизвикот на отворање нови работни места дефинитивно е заменет со предизвикот како да се задржат постојните и евентуално да се пополнат испразнетите места со соодветен кадар“, рече Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на денешната прес-конференција.
Според претседателката на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора Ана Таневска Ѓорѓиевска, голем број на угостителски капацитети беа затворени, а падот на прометот во оние места кои не се туристички центри изнесуваше и до 85%.
„Искуството и праксата велат дека секоја загуба на вработен значи три нови години за замена на постојниот работник и креирање на нов кадар. Поддршката од Владата е потребна не да се заработи, туку за да не пропаднат компаниите од секторот кои и кога немаа доволна активност задржаа голем дел од вработените. Иако е одредена поддршка со петтиот пакет, таа се уште не е реализирана, а особено им е потребна пред почетокот на новата туристичка сезона“, рече Таневска Ѓорѓиевска.