Словенија е добро подготвена за претседавањето со Советот на Европската унија, што започнува на 1 јули, а најважните теми на дискусија ќе бидат Конференцијата за иднината на ЕУ и напредокот на земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, а особено почетокот на пристапните преговори со Македонија. Тоа го изјави денеска словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар.
„Следните месеци ќе бидат многу тешки за сите нас. Затоа, денеска и утре нема да разговараме толку многу за самото претседателство, туку генерално како да ги материјализираме нашите позиции и нашите обврски од стратегијата за надворешна политика и нашата програма за претседавање“, изјави Логар на затворена словенечка конференција за дипломатите која се одржува на Брдо кај Крањ.
Анализирајќи ги односите со соседните земји, Логар истакна дека од минатиот септември, кога беа одржани последните консултации од таков вид, деловната соработка и развојот на инфраструктурните односи се во прв план, што според него може да помогне во надминување на некои отворени прашања.