Просветителството во Прилеп има долга и стара традиција. Првите училишта биле келијните училишта, отворени во манастирите Трескавец, Архангел Михаил, Чебренскиот манастир во Мариово и други црковни објекти, каде буквите во овие училишта се испишувале во пепел, песок или на плочки од восок. Потоа училиштата се отвораат во семејни куќи, особено во населбата Варош, а просветната дејност ја извршувале свештениците. Како што растела економската моќ на прилепчани во средината на 19 век се јавила потребата од отворање на првото народно училиште.
„Таквата потреба ја родила идејата во Прилеп да се изгради првото училиште, основно народно училиште, кое е изградено 1843 година во кругот на црквата Свето Благовештение, а се наоѓало на местото каде сега се наоѓа црковната трпезарија, покрај главната улица. Тоа било голем објект, 28 метри долг, 15 метри широк, а за негова изградба помогнале сите еснафи од Прилеп, сите богати фамилии од Прилеп и сето тоа позитивно се одразило и уште во првата година од постоењето на училиштето таму се запишале голем број на ученици“, истакна Елена Чагороска, директор на прилепскиот архив.
Под влијание на ширењето на писменоста на нашите дејци и просветители како Глигор Прличев, Кузман Шапкарев и други се појавува во Прилеп потребата од отворање и на женско училчиште, затоа што дотогаш се школувале само машките. Иако досега кај народот беше познато дека првото женско училиште во Прилеп било т.н. Бабанеделино училиште, објект кој денес е Галерија на икони, тоа не е точно. Првото женско училиште во Прилеп било сместено неколку куќи подолу од овој објект, односно во куќата на нашиот познат револуционер Пере Тошев, која се наоѓа веднаш до најстарата црква во градот Свето Благовештение.
„Архивската документација која ја псоедува архивот во Прилеп вели дека првото женско училиште било изградено во Прилеп во 1865 година во куќата на познатиот револуционер Пере Тошев. Значи таа куќа се уште постои. Во куќата на Пеере Тошев започнува училиштето со 180 ученици, значи имало голем одзив на женски деца кои сакале да се образуваат. Првата година ги описменувале ученците, а втората година учеле занаети. Значи женско занаетчиско училиште, учеле занаети како плетење, везење, шиење итн. Прва учителка во училиштето во куќата на Пере Тошев била свикана учителка од Велес, која се викала Недела Петковска, по која подоцна училиштето се вика и Бабанеделино училиште“, додава Чагороска.
После 2 години од отворањето училиште прекинува со работа. По пауза од исто 2 години училиштето повторно продолжува со работа. Како што поминува времето се јавува се поголема заинтересираност за писменоста и потреба од поголем простор. Тогаш денешниот објект на Галеријата на икони или Бабанеделиното училиште прераснува во ваков вид на образовна установа.
„Во 1894 година е изградено Бабанеделиното училиште, тоа е денешниот објект на Галеријата на икони. Така што се појавува интерес не само за 2 годишно школување туку и за 4 годишно школување. Интересен е податокот што после 1865 година, веднаш по основањето на женското училиште во куќата на Пере Тошев, познатиот Кузман Шапкарев со голема помош од прилепските еснафи го одбележува тогаш денот на просветителите Св. Кирил и Методиј“, кажа Чагороска.
Како училиште овој објектот функционира и после Втората светска војна, а во 1955 година го добива името „Мара Јосифоска“ сестра на Кузма Јосифоски – Питу.
Во 2002 година објектот е пренаменет во Галерија на икони, која функционира под Завод и музеј Прилеп. Сега во Галеријата се сместени 66 вредни икони од кои една е фреска. Сите икони се од црквите од прилепско освен иконата на Свети Ѓорѓи, која потекнува од полошкиот манастир. Најстар експпнат е оваа фреска на Свети Архангел Михаил која потекнува од 12 век.
„Потеклото на фреската е од манастирската цеква Свети Архангел Михаил, не онаа црква која сега се гледа, туку тоа е првата изградена црква таму која сега се наоѓа под сегашната црква. Фреската била носена на изложби и во Лондон и во Њујорк и постигна големи позитивни критики од страна на историчарите на уметност, бидејќи техниката на изведба е многу слична на фреските од Курбиново“, истакна Мимоза Христоска, виш кустот, историчар на уметност.
Иконите се претеќно изработени на липово дрво кое тѕреба да се исуши, а потоа се нанесувата три видови на подлоги пред да се започне со сликање.
„Интересен е фактот за иконите на Богородица со Исус Христос и Исус Христос. Кога е пронајдена иконата која потекнува од 16 век, претставата на Исус Христос била поставена на оваа штица, конзерваторите откриле дека под неа има постара икона, бидејќи Исус Христос бил од 17 век, утврдена е дека иконата која е пронајдена под неа е од 16 век. Издвоена е иконата Исус Христос и поставена е на нова штица, а иконата на Богородица е ретуширана бидејќи настанува мало оштетување кога е вадена горната икона на Исус Христос“, додаде Христоска.
„Исто така на оваа друга икона каде е претставена Богородица издвоена е иконата за да се види техниката на изработка дека на дрвото се поставува платно пред да се слика. Сите икони кои ги сликаат зографите мора да работат по самите канони за сликање на иконите, не може самиот иконописец да слика детали на иконите, а тие да се надвор од каноните. Кај иконата никогаш во сликањето не се признава втора или трета димензија, тука има само една димензија и нема сенка. Затоа имате чувство дека кога се движите лево или десно иконата ве следи со погледот“, кажа Христоска.
Во Галеријата се наоѓа и ретка претстава на иконата Света Троица, Отецот, Синот и Светиот Дух, каде Отецот е претставен како постар човек, а Светиот дух во форма на гулаб. Интересна е и иконата на Свети Хистифор каде тој е претставен со глава на куче, затоа што според преданието неговото семејство биле луѓе кои имале човечко тело, а животински глави. Свети Христифор на сон добил повик да ги пренесува луѓето преку некоја голема река.
Последен артефакт во Галеријата е Ерусалимското платно, каде е претставена целата Библијата.
„Кога Македонците ќе оделе во Ерусалим секогаш морале да земат нешто за да докажат дека биле таму на аџилак за да го добијат тоа „Хаџи“ на презимето. Тогаш немало фотографии како сега да се сликаат, па морале да земат нешто од таму. Целта на Ерусалимското платно било тоа што луѓето колку биле побогати кои оделе во Ерусалим толку било поголемо платното кое го носеле од таму. Инаку на Ерусалимското платно секогаш во централниот дел е поставен Храмот во Ерусалим лево и десно Исус Христос и Богородица, горе е Страшниот суд, а долу се поголемите празници“, потенцираше Христоска.
Во галеријата се чуваат и одеждите на првиот прилепски Архиепископ од 19 век Г.Г. Ангелариј.