МОН отвори информативна веб страница во врска со реформите во основното образование


Министерството за образование (МОН) и наука отвори нова информативна интернет страница на која може да се обезбедат исклучиво податоци поврзани со реформите кои се креираат и имплементираат во основното образование, согласно планот за промени и унапредување на квалитетот на националниот образовен систем.

На www.osnovnoobrazovanie.mon.gov.mk медиумите и граѓаните може да се информираат за сите тековни и идни активности кои МОН и другите надлежни институции во областа на образованието ги спроведуваат, односно планираат со цел модернизација на базата на образовниот систем во државата и фаќање чекор со стандардите за квалитет кои ги наложуваат земјите од развиениот свет.

Веб страницата содржи детално појаснување на содржината на планот за реформа на основното образование, а јавно се објавени сите документи поврзани со промените, како Концепцијата за основно образование, новите наставни програми и националните стандарди врз основа на кои се изработени, но и постојната и законската регулатива која е во фаза на подготовка или веќе се наоѓа во собраниска процедура на усвојување. Исто така, во посебно мени можат да се најдат и одговори на сите најчести дилеми и поставувани прашања во јавноста за одредени аспекти на промените.

„МОН продолжува да биде институција која максимално го почитува принципот на транспарентност и отчетност во работењето, како и институција отворена за соработка со сите поединци и групи кои имаат намера да дадат конструктивен придонес во креирањето на промените што мора да се случат во интерес на создавањето што поквалитетни и подобро подготвени генерации млади луѓе“, стои во соопштението од МОН.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи