На 7 јуни 1945 година со решение на Министерството за народна просвета на Демократска Федеративна Македонија бил озаконет Правописот на македонскиот јазик, чиј дефинитивен текст бил усвоен 5 дена порано.
Тоа не е почеток, туку конечен печат, дефиниција на хартија на јазикот на кој македонците говореле со векови.
На 3 мај 1945, комисијата дефинитивно ја утврдила македонската азбука, која ги содржи следните 31 буква: А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О, П, Р, С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
Истиот ден, Владата донела решение со кое била озаконета азбуката, кое било објавено во весникот ‘Нова Македонија’ во празничниот број (II, 104) од 5, 6 и 7 мај 1945 година. Комисијата на 2 јуни 1945 го утврдила и нацртот за македонскиот правопис, за кој на 7 јуни 1945 е донесена Резолуција од Владата со што македонскиот правопис станал официјален.
„Македонскиот правопис, предложен од комисијата за јазик и правопис при Министерството на народната просвета, се приема како официален правопис. Истиот ќе се отпечати во засебни книшки, како издање на Министерството за народната просвета“, се вели во членот 1 од Решението за правописот на македонскиот јазик од 7 јуни 1945 година, потпишано од министерот за просвета Никола Минчев.
„Јазикот е наша татковина“, рече основоположникот и кодификатор на современиот македонски јазик Блаже Конески оставајќи ни трајна порака за негово зачувување, негување и унапредување како еден од столбовите на нашиот идентитет.