Поранешниот прв човек на фудбалскиот клуб Победа, Александар Забрчанец или попознат како Ацуле почина вчера на 73-годишна возраст.
Долгогодишен фудбалски работник под чие раководство ФК Победа ги постигна најголемите успеси, односно две титули шампион на Македонија (2003/2004 и 2006/2007) и победник во Купот на Македонија(2001/2002) како и 10-годишно постојано настапување во евро-куповите со 32 одиграни натпревари низ кои несомнено го даде својот голем придонес за меѓународна афирмација на ФК Победа.
Забрчанец најголем дел од својот живот го посвети на фудбалот и неговата најголема љубов – ФК Победа. Во Победа Ацуле започна да работи од 1979 година, од март 1996 беше директор, а подоцна и претседател на клубот кој го вивна во височините на македонскиот фудбал приредувајќи огромни моменти на успеси и радости за прилепските љубители на фудбалот.