12 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Марјан Ристески на локално и Никола Груевски на централно ниво, остави длабоко негативни последици врз спортот и спортистите во Прилеп, велат во својата писмена реакција од ОО на СДСМ Прилеп, која доаѓа после прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп во која тие рекоа дека за 4 години СДСМ нема вложено ниту 10 денари за подобрување на спортската инфраструктура во Прилеп.
Реакцијата ја пренесуваме во целост.
„Наместо во изградба на нова спортска инфраструктура и одржување на постојната, парите завршуваа во џебот на криминалците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Токму во тие лоши времиња за градот и државата, Прилеп го изгуби прволигашкиот фудбал, а градскиот стадион „Гоце Делчев“ се претвори во руина, заради што ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема никаков кредибилитет да зборува за спортот во Прилеп.
За разлика од некадарноста и негрижата на ВМРО-ДПМНЕ за спортот, и покрај пандемијата со коронавирусот, локалната власт предводена од СДСМ и градоначалникот Илија Јованоски инвестира во изградбата на нови спортски објекти.
Градскиот стадион „Гоце Делчев“ е целосно реконструиран. Обновени се трибините, од кои северната е покриена, поставен е нов тревник, рефлектори за ноќни утакмици. Денес, Прилеп има модерна фудбалска арена, каква што заслужува најспортскиот град во државата.
Кај Прилепското езеро, во завршна фаза е изградбата на новиот спортско-рекреативен комплекс, во кој се вклучени пешачки патеки, игралишта за кошарка, одбојка, пинг-понг, со којшто го враќаме сјајот на тоа познато излетничко место.
Во полн ек е изградба на новата спортска сала во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, со што решаваме уште еден наследен проблем од претходната власт.
Во трите години локална власт на СДСМ, направени се повеќе инвестиции во спортот отколку во трите мандати на Ристески и ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните го препознаваат тоа и знаат дека СДСМ е најдоброто за нивната општина“, велат од ОО СДСМ Прилеп.