ВИДЕО – Ќе се реконструира цевководот на изворот „Пашоски ливади“ – Прилеп ќе добие дополнителни количини вода


Општина Прилел го потпиша договорот за реализација на проектот „Реконструкција на цевковод со главен довод на вода од извориште во мeстото викано „Пашоски ливади“ до собирна шахта кај Прилеп“.Станува збор за средства во висина од 40.540.000 денари, кои се обезбедени со одлука на Владата за прераспределба на парите од ТАВ програмата.

Со проектот се предвидени градежни активности за подобрување на доводните цевководи, од постојните извори во месноста викана „Пашоски ливади“ до собирната шахта на разводната водоводна мрежа за градот. Реконструкцијата предвидува ископ на нова траса во должина од 4 км и поставување нови лиено-железни водоводни цевки со профил од 300 мм и притисок од 10 бари, заедно со целата потребна придружна хидротехничка опрема“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Инаку во моментов со постојниот цевковод од изворот до Прилеп доаѓаат околу 10 литри во секунда, а после неговата реконструкција, од изворите во „Пашоски ливади“ во главната водоводна мрежа во градот ќе доаѓаат околу 25 литри во секунда или на месечно ниво тоа ќе биде значи дополнителни 39.000 метри кубни вода за потребите на граѓаните на Прилеп. Во оваа хлорна станица се собира водата од 4 извори кои се наоѓаат во овој регион Душница, Пештерица, Пашоски ливади и Леково

„Прилеп оптимално би можел да добива 80 до 90 литри во секунда од овие извори, а во моментов добива 35 до 40 литри во секунда. Доколку се реконструираат Пашоски ливади и Лековскиот извор претпоставувам дека за 30 до 40 литри во секунда би се зголемила издашноста. Но 40 литри во секунда значи околу 100.000 м3 во текот на месецот, тоа се големи количини. Потисните цевководи на Пашоски ливади и Леково поминуваат низ подрачје кое што е полно со бавчи и со ниви и луѓето крадат вода и ја користат за наводнување негрижејќи се притоа дали ќе имаат граѓаните во градот вода за пијање. Новиот потисен цевковод, односно реконструираниот потисен цевковод, ќе биде од лиено железни делови и нема да има можност за кражба на водата. И оној кој ќе се обиде да кради вода ќе може само да ја оштети цевката, ние веднаш ќе го лоцираме тоа и ќе ја санираме штетата, но нема да може да се приклучи на диво и да ја кради водата и да ја употребува за други причини освен оние за кои треба да се користи водата за пиење“, истакна Емил Јанески, директор на ЈП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

Изградбата на новиот цевковод се планира да трае од 4 до 6 месеци.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи