Седумдесет и осум години од ѕверскиот масакр на младите кај Ваташа


Денес во Кавадарци се одбележаа 78 години од ѕверскиот масакр и стрелањето на 12-те млади луѓе од Ваташа, од страна на бугарскиот фашистички окупатор.

Имајќи предвид дека ја губи контролата врз безбедноста во овој крај, бугарскиот фашистички окупатор наредил безмилосна и крвава акција за задушување на младинското револуционерно движење.

Набрзо по акцијата започнува невиден терор врз локалното население преку претреси по домовите, психолошко заплашување, палење на куќите, но и голем број на егзекуции. Со цел добивање на информации поврзани со партизаните, биле стрелани околу 60 луѓе од цивилното локално население.

По големиот број апсења на млади луѓе, на 16 јуни на егзекуција биле испратени: Перо Видов-15 години, Ванчо Гурев-19 години, Данко Дафков-18 години, Илија Димов- 18 години, Ристо Ѓондев-18 години, Блаже Ицев-20 години, Герасим Матаков-18 години, Пане Мешков- 18 години, Ферчо Поп Ѓорѓиев-26 години, Васил Хаџи Јорданов-28 години, Диме Чекоров-20 години, Пане Џунов-18 години. Со нив се спроведени и четирите младинки од селото, блиски роднини на некои од младинците и тоа: Невена Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Ката Ицева и Павлина Касапинова.

Откако ги построиле под дрво, наводно за фотографирање, со рафали од пушкомитралези и друго огнено оружје, а потоа и сечени и прободени со бајонети, ваташките младинци биле егзекутирани на монструозен начин.

Овој крвав настан ќе остане запаметен како еден од најголемите злочини што го извршија бугарските фашистите во Македонија во времето на Втората светска војна. Сите вклучени фашисти во овој исклучително ѕверски настан биле убиени од страна на партизаните или населението за време на војната, или по завршувањето на истата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи