Пијано вечер со Денис Најдоски и Тамара Глигоровска


На  22 јуни 2021, вторник од 20.00 ч. во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ ќе се одржи  концерт насловен Вечер со пијано. Настапуваат пијанистите Денис Најдоски и Тамара Глигоровска.

Програма

Лудвиг Ван Бетовен – 8 Варијации на тема Валдштајн WoO 67

Франц Шуберт – Фантазија f moll D940

П. И. Чајковски – С. Рахмањинов: Свита за пијано „ Заспаната убавица “

Интродукција / Самовилата на јоргованите

– Адаѓо

– Мачорот во чизми и белата мачка

– Панорама

– Валцер

Биографија

Денис Најдоски е млад пијанист од Прилеп каде што и го завршува основното музичко училиштево класата на проф. Михајло Стојкоски. Во 2006 година своето образование го продолжува во класата на м-г проф. Снежана Анастасова – Чадиковска во ДМБУЦ „ Илија Николовски – Луј “ Скопје, а во 2015 година дипломира со висок просек на факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на м-г проф. Рита Трпчева-Поповиќ. За време на неговото школување како солист настапува на голем број државни и меѓународни натпревари каде што освојува значајни награди и признанија, концерти во земјава и надвор од неа, како и редовно учество на семинари кај врвни пијано педагози од Македонија, Србија, Швајцарија, Словенија, Русија. Покрај солистичките настапи редовно настапува и како член на камерни состави ( дуо Пијано, Пијано трио ) од кои се издвојуваат – лауреат на државен натпревар по камерна музика, концерти на Скопско Лето, Есенски музички свечености, Прилепско културно лето. Од 2015 год работи во ООМУ „ Ордан Михајлоски – Оцка “ – Прилеп како професор по пијано и корепетиција. Неговите ученици земаат редовно учество на голем број концерти и натпревари, каде што постигнуваат значајни резултати во државата но и надвор од неа. Зема активно учество на голем број натпревари како пијано соработник ( С. Македонија, Србија, Косово, Бугарија, Грција ), а од 2019 год. е пијано соработник на реномираниот протопсалт Никодимос Кабарнос ( Грција ) каде што заедно настапуваат низ Р. Грција и Р. Романија. Во моментов ја завршува неговата специјализација по источно-црковна музика на Атинскиот конзерваториум при Атинската Архиепископија.

Тамара Глигоровска е родена 1994 година во Скопје, Р. Македонија каде завршува основно и средно образование. Своите студии ги продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Рита Трпчева Поповиќ и дипломира во 2018 година на инструменталниот оддел отсек пијано. Учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари во Македонија и Р. Србија. По завршувањето на студиите работи како професор по пијано во приватно музичко училиште ПијаноАрт во Скопје. Настапува на многубројни концерти и фестивали меѓу кои Есенски музички свечености и Скопско лето, а исто така посетува и семинари кај еминентни професори меѓу кои Јури Кот (Украина), Жени Захариева (Бугарија), Ксавие ла Комте (Франција). Во моментов живее и работи во музичкото училиште во Охрид и ги подготвува своите мастер студии.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи