Откако Владата на СДСМ доби ново вето, додека ветуваше дека државното име е последна пречка за ЕУ, единствена европска вредност што ја покажува е шверцување на штетни закони со европско знаме, велат од политичката партија Левица.
Од Левица реагираат дека во Собранието во тек е постапка за усвојување на новиот Закон за справување со отпад и тоа со европско знаменце, со цел да се избегне јавна дебата и вклученост на пошироката јавност. Во истиот предлог се предвидува да се тргне забраната за увоз на отпад за производство на РДФ гориво, која беше усвоена минатата година во фервруари, после силни протести од јавноста дека во најзагадената држава во Европа, граѓаните дополнително се трујат со отпад за гориво.
„Предлагач на овој спорен закон е вработената во Министерството за животна средина, Каја Шукова, која е позната како ревносен бранител на контроверзната фирма за депонирање отпад во Гевгелија, „GO WASTE SOLUTION”. Жителите од овој регион се сведоци дека Шукова наместо да ги брани интересите на граѓаните, дрско и арогантно го застапувала проектот на фирмата за депонирање отпад. Се поставува прашањето, дали како и во скандалот со увозот на токсично масло по евтина цена, СДСМ повторно го штити бизнис – лобито и нивниот профит, овој пат преку увоз на опасен отпад?“, велат од Левица.
Според политичката партија со овој закон ќе се создаде плодна почва странските инвеститори да можат за поволни услови да основаат компании за преработка на увезен отпад, кој е забранет во земјите на ЕУ, претворајќи ја Македонија во најголемата европска депонија! Меѓу останатото, со преработка во РДФ гориво и понатаму ќе се дозволи најголемите негови корисници да продолжат да профитираат на сметка на здравјето на граѓаните, компании кои веќе подолго време ги тресат бројни скандали (Цементара, Железара, поранешно Фени Индустри, како најистакнати).
„Овој закон е исполнет со недоследности, недоречености и нејаснотии и мора детално да се врати на доработка, и тоа со јавни расправи, вклучувајќи ја стручната јавност, при што наместо олеснувања, ќе бидат вметнати ригорозни забрани за сите загадувачи. Шверцувањето со европско знаме е самоволие и диктаторско однесување на власта, особено кога станува збор за закон со кој може перманентно да се влијае врз квалитетот на живот на граѓаните на Македонија“, додаваат од Левица.