Mотоциклистите и понатаму најранлива група на учесници во сообраќајот

Facebook
Twitter
Email
Print


Црната статистика за настрадани мотоциклисти во сообраќајни незгоди загрижува. Имено, статистичките податоци за 2020 година покажуваат дека изминатата година 125 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди од кои дури 18 се мотоциклисти, информираат од РСБСП.

Поточно, во 2020 година, на патиштата во Република Северна Македонија, загинале 4 возачи на мопед (зафатнина на моторот до 50 cm/3), 4 возачи на мотоцикл со зафатнина до 125 cm/3 и 10 возачи на мотоцикл со зафатнина над 125 cm/3. Покрај тоа, во 2020 година, со тешки телесни повреди се здобиле: 55 возачи на мопед, 19 возачи на мотоцикл со зафатнина до 125 cm/3 и 84 возачи на мотоцикл со зафатнина над 125 cm/3 односно, во 2020 година, тешко повредени се вкупно 158 мотоциклисти.

Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата велат дека состојбата со безбедноста на мотоциклистите во сообраќајот дополнително загрижува ако се има во предвид фактот дека во државава мотоциклите претставуваат околу 2 % од вкупниот број возила- учесници во патниот сообраќај, а во 2020 година, околу 15% од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди се мотоциклисти.

Дополнително треба да се потенцира дека, и покрај тоа што не постојат законски ограничувања, сепак, поради временските услови, мотоциклистите учествуваат во сообраќајот само 6 месеци во годината.

Несоодветната брзина на возење и неупотребата на заштитна опрема и заштитен шлем се издвојуваат како главни причини за трагичните последици од сообраќајните незгоди во кои учествуваат мотоциклистите.

Дополнителен ризик фактор претставува и односот на останатите учесници во сообраќајот кои не внимаваат на мотоциклистите и не ги почитуваат како рамноправни учесници во сообраќајот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со совети до мотоциклистите:

секогаш носете заштитен шлем (кацига), рефлектирачки елек и друга заштитна опрема, намалете ја брзината, користете ги трепкачите, одржувајте безбедно растојание, користете ги правилно и двете сопирачки, избегнувајте „мртви агли”, не возете слалом и престигнувајте правилно, не возете под дејство на алкохол и други психотропни супстанци, управувајте го возилото на начин на кој не се намалува неговата стабилност, бидете концентрирани и внимателни, не возете кога сте заморени и правете почести паузи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи