Република Македонија од Светската организација за заштита на животните (ОИЕ), доби сертификат за статусот на земја, слободна од болеста чума кај малите преживари (овци и кози).
Со тоа го исполнивме условот на Европската Комисија за извоз од земјава, не само на месо од овци и кози, туку и на живи животни и нивни производи, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
„Добивањето на сертификатот за слободна земја од оваа болест, согласно препораките од Научната комисија за болести кај животните и Светското собрание на делегати на ОИЕ, за РСМ претставува основа за полесен пристап до меѓународните и отворање на нови пазари, но и мотив за уште поголемо унапредување на овчарството и козарството во земјава“, соопштува Николче Бабовски, директор на АХВ.
За добивање на статусот на РСМ за слободна земја од болеста чума кај мали преживари, АХВ минатата година достави апликација и досие во кое детално беше наведена состојбата со болеста во државава, контролните системи и поставеноста на ветеринарната служба, надзорот како и други податоци релевантни за добивање на овој статус.
Болеста чума кај малите преживари, според Бабовски, не е опасна за луѓето, но, причинува големи економски загуби кај овците и козите.