Благоја Милевски е новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација, објави денес официјално Фудбалската федерација на Македонија. Милевски за презема А селекцијата од 1 август.
„Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи.
Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила.
Македонската А репрезентација ќе ја предводи селекторот Благоја Милевски кој ја создаде златната генерација македонски фудбалери која беше меѓу 12-те најдобри селекции во Европа и фудбалери кои веќе неколку години се дел од нашиот најдобар национален тим.
Веруваме во квалитетите на Благоја Милевски и убедени сме дека ќе продолжи со успех да ја предводи и А репрезентацијата. Уште повеќе затоа што на секоја разумна и личност со вистински вредности му докажа каков човек е и каков тренер е“, изјави првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.
Милевски го наследува Игор Ангеловски, кој после пет ипол години, после Европското првенство официјално објави дека заминува од селекторската позиција.