На денешен ден е роден Петре М. Андреевски – „Дениција“ и „Пиреј“ сведочат за неговата големина и богатство кое треба да го негуваме

Facebook
Twitter
Email
Print


На денешен ден, во далечната 1934-та година, 25-ти јуни е роден Петре М. Андреевски, во Слоешница, Демир Хисар, а почина на 25-ти Септември 2006 година.

Петре М. Андреевски е македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања. Во мај 2000 година бил избран за редовен член на МАНУ.

Петре М. Андреевски е роден во демирхисарското село Слоештица, во 1934 година. Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност. Работел во Македонската телевизија, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центари на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател). Петре М. Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. По неговата смрт, на 9 октомври 2007 гдоина, Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, посмртно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.

Книжевно творештво

Творештвото на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома, соодветно.

Стихозбирки:

Јазли (1960)

И на небо и на земја (1962)

Дениција (1968)

Дални наковални (1971)

Пофалби и поплаки (1975)

Вечна куќа (1987)

Лакримариј (1999)

Збирки раскази:

Седмиот ден (1964)

Неверни години (1974)

Сите лица на смртта (1994)

Боеми (посмртно)

Романи:

Пиреј (1980)

Скакулци (1983)

Небеска Тимјановна (1988)

Последните селани (1997)

Тунел (2003)

Бежанци (посмртно)

Книга со драми (1984), во која влегуваат:

Време за пеење

Богунемили

Есеи:

Сегашно минато време (2006)

Стихозбирки за деца:

Шарам барам

Касни порасни (сликовница)

Награди

Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати). Романот “Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката “Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.

Неговите цитати, зборови, песни сведочат за неговата големина и се богатство кое засекогаш ќе го негуваме. Тој важи за еден од најпопуларните македонски поети и раскажувачи на сите времиња, драмски автор чии дела претставуваат вистински аманет за македонското творештво.

Андреевски во своето литературно творештво вбројува голем број стихозбирки, раскази, есеи и романи, но сепак оние кои посебно се издвојуваат се „Дениција“ и „Пиреј“.

Дениција е збирка поезија од 1968 година, која содржи 29 песни, сместени во три дела. Инспирација е љубовта кон жената – Дениција (име кое асоцира на ѕвездата Деница, на светлина, плодност, убавина), како и љубовта кон татковината, но и во сите други облици.

Љубовта како најчист облик и основен мотив, љубовта како движечка сила, преточена во родољубиво чувство, прострујува низ зборовите на Андреевски и буди чувство на копнеж со секој нов стих:

„Дениција доаѓаше од секаде, како дух што го пропуштаат и мртвите стражари, на сите момчиња да им се јавува во сонот.“

„Како што таа ми ја одземаше тежината,додека трчав кон неа,како што не можев да видам ништо освен неа,како што таа живееше додека јас умирав,како што и јас не знаев како би умрел,ако таа не се родеше.“

„Кога ја љубев Дениција, како да калемев светлина на мракот, како да топев снегови фатени во движење, како да станував единствен сведок за бакнежот меѓу металот и громот“

„Така ноќна невестулке, така неискажана капко капинко,така куршуме што мислиш на моето тело, а ја гаѓаш и погаѓаш само мојата душа.“

„Ни љубовта и омразата меѓу клучот и катанецот, ни притаената светлина во купениот кибрит;ништо не е повидливо од твојата трага пред мене и зад мене, со мене и во мен“

„Ништо не е повидливо и ништо не е поприсутно од твоето отсуство“.

„Ти беше мојот Исток и мојот Величетврток, ти беше сè што му недостасуваше на светот“.

Еден од најчитаните романи на поновата македонска книжевна ера е „Пиреј“ за кого Андреевски на почетокот на книгата објаснува: „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“

Непокорливоста на македонскиот народ е всушност објаснета преку симболиката на пирејот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи