Совет во заедницата

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Изминатата година за сите донесе предизвици и пречки надвор од секое предвидување или планирање. Пандемијата на КОВИД -19 на светско ниво направи сериозни поместувања во однос на реализацијата на сите човекови потреби и права.

Од појавата на корона вирусот во нашата држава Владата донесе одредени економски и социјални мерки со цел да се намали социјалната несигурност, но и да се надминат тешките форми на Ковид и граѓаните да се заштитат максимално. Со оглед на големата неизвесност во поглед на финансиската кондиција на државата во време на и после кризата, се зголемува веројатноста дека граѓаните ќе се соочаат со пречки во пристапот и остварувањето на потребите и правата. Поради дезориентираноста и неможноста на надлежните институции брзо да реагираат во кризна состојба, нужна е потребата од унапредување на процесот на закрепнување и навремена реакција во кризни состојби преку партиципативно и проактивно дејствување на засегнатите граѓани. Ова ќе доведе до поскоро и итно решавање на актуелните проблеми на граѓаните засегнати од кризата, како во здравствена така и во финансиска смисла. Одговорот на кризата преку преземање на различни иницијативни и активности на терен ќе доведе до побрзо и сеопфатно регулирање на состојбите, преку ефективна и комплетна соработка помеѓу граѓаните и институциите.

Токму затоа, формите на совети за организирање на заедницата се процес со кој група луѓе организираат и преземаат мерки за надминување на штетното влијание од кризната состојба што ги опкружува. Поради тоа, Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. во изминатиот период формираше Совет во заедницата со цел утврдување и востановување на процесот на закрепнување и навремена реакција во кризни состојби, како што е во моментот кризата поради КОВИД-19. Ваквата форма на „Совет во заедницата“ има за цел унапредување на процесот на закрепнување и навремена реакција во кризна состојба преку обезбедување на активно учество на граѓаните, што ќе доведе до скоро надминување на проблемите и намалување на штетните ефекти од пандемијата на здравствената состојба на граѓаните, посебно и на менталното здравје, но и пристапот до правда и заштита пред надлежните институции, кое беше тешко остварливо во изминатиот период.

Советот во заедницата е составен од граѓани кои поради својот особен придонес во заедницата, но и познавањата кои ги имаат за истата, можат да дадат значителен придонес во надминување на предизвиците и проблемите во средината во која живеат и од која потекнуваат.  Советот моментално брои 15 членови чија улога подразбира обезбедување на податоци и докази за утврдување на фактичката состојба на терен настаната поради кризата со КОВИД-19, подготовка на планови за закрепнување преку различни фото содржини, вклучување во откривање и следење на случаи на КОВИД-19 и нивна навремена заштита, при што нивна главна цел е претставување на интересите на различни групи во заедницата на еднаков и непристрасен начин. Во овој контекст е особено значајна сеопфатната комуникација, како помеѓу Советите и заедницата, така и помеѓу Советите, општината, но и локалните граѓански организации, за побрз одговор на кризата. Тоа значи дека проблемите кои би биле идентификувани од страна на Советот во заедницата, би останале само изјави, доколку не се слушнати од страна на локалните институции и граѓанските организации, кои можат да играат суштинска улога во решавање на проблемите и создавање на идни цели и приоритети, кои нема да останат само дел од програмите на политичките партии за време на предизборните кампањи.

Секако, од посебна важност е и олеснувањето на комуникацијата помеѓу Советите во заедницата и локалните институции, посебно општините, а главен мост преку кој би можело да се постигне ефектот на взаемна соработка би биле граѓанските организации кои од една страна ја познаваат реалната состојба на терен, а од друга страна имаат веќе воспоставена соработка со локалните институции. Со подобрувањето на меѓусебната соработка би се постигнало и реорганизација на и онака лабавиот општествен и вредносен систем во локалните заедници, опкружен со недоверба од страна на граѓаните кои поради проблемите со кои се соочуваат и постојаната исклученост од донесувањето на одлуки немаат разбирање и не чувствуваат заштита при искажување на лични ставови и мислења поврзани со локални проблеми.

За да се обезбеди сеопфатно и правилно функционирање на Советите во заедниците, потребна е пред се законска и правно нормирана заштита на истите, преку регулирање на истата со правни норми, како што истото е регулирано во Велика Британија[1], каде постојат локални совети во заедниците чии главни цели се поврзуваат со застапување на локалната заедница, обезбедување на локални услуги до граѓаните и подобрување на квалитетот на живот и општественото добро, преку преземање на различни активности, иницијативии застапување за локални граѓански проблеми. Овие совети во заедниците се присутни во сите места надвор од големите градски средини и села и се издвојуваат од месните заедници кои имаат повеќе политичка улога.

Со оглед на фактот што членовите на Советот во заедницата ги познаваат проблемите во заедницата, можат да дадат брз одговор и да помогнат во брзо закрепнување. Ваквиот вид на здружување во рамки на совети во заедницата играат значајна општествена, социјална, здравствена и практична улога со оглед на фактот што членовите се препознаени и доаѓаат директно од заедницата, без оглед на нивното образование или социјална положба, што дава чувство на еднаквост и солидарност кај граѓаните од заедницата. Поради ова, улогата на Советите за успешно планирање, селекција, детектирање и решавање на проблемите во заедницата се оценува како исклучително солидарна, морална и одлучувачка во подигнување на довербата на граѓаните во институциите, но и граѓанските организации кои можат да дадат исклучителен придонес во надминување на сложените системски пречки, но и во решавање на тешките општествени кризи, како што се покажа пандемијата со КОВИД-19.

[1] Национална асоцијација на локални совети, https://www.nalc.gov.uk/

Автор: СТАНИЦА П.Е.Т. Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи