„Форд ескортот“ што некогаш ѝ припаѓал на Дијана, принцезата од Велс, вчера бил продаден на аукција во Велика Британија, за околу 61.000 евра. Новиот сопственик е музеј во Јужна Америка.
Лејди Ди ја добила оваа светло-сива лимузина како подарок за веридбата, од принцот Чарлс во мај 1981 година, 2 месеци пред венчавката во јули. Таа престанала да го користи автомобилот кратко по раѓањето на нивниот син Вилијам во 1982 година, а возилото тогаш го купи колекционер за околу 7.000 евра.
Автомобилот сè уште ја има оригинална регистрација, како и бојата, покажува околу 130.000 минати милји (скоро 210.000 км).
Луис Рабет од аукциската куќа рече дека купувачот е засега неименуван музеј од Јужна Америка.
„Oва сведочи за нивото на интерес за принцезата Дијана во Јужна Америка, како и за трајната трага што ја остави принцезата таму“, рече тој.
Автомобилот, првично бил проценет на цена меѓу 35.000 и 45.000 евра.