Летните топли денови пристигнаа, а со нив и одредени проблеми кои може да се јават. Обврските не запираат, а сепак надвор температурата и сонцето се немилосрдни, па понекогаш и со потешкотија се движиме на отворено. Особено изложеноста на сонце може да предизвика бројни проблеми – изгореници, дехидрираност, изнемоштеност и сл. Покрај тоа, долгорочната изложеност на сонце без заштита на кожата, доведува до друг, посериозен проблем, а тоа е рак на кожата.
На светско ниво, секоја година има неколку милиони нови случаи на рак на кожа. Како главна причина за тоа може да се каже дека е прекумерната изложеност на сонце без користење на соодветна заштита.
Што претставува УВ зрачењето, односно УВ индексот?
УВ (ултравиолетово) зрачење претставува дел од природната енергија на сончевите зраци. Во електромагнетниот спектар, УВ светлината има пониски бранови должини отколку видливата светлина, па така ваквите зраци се невидливи за нашите очи.
Постојат два вида на УВ зраци, а изложеноста и на двата е потврдено од науката како ризик фактор за појава на ракот на кожа.
УВА (ултравиолетови А) – зраци со подолга бранова должина и се главно асоцирани со стареењето на кожата. Тие ја пенетрираат кожата подлабоко. Тие може да ги пенетрираат облаците и прозорците.
УВБ (ултравиолетови Б) – зраци со пократка бранова должина и се асоцирани со изгореници (горење) на кожата. Тие делуваат врз првите, надворешни делови на кожата. Ознаката SPF (sun protection factor) која е напишана на повеќето креми за заштита од сонце, е всушност ознака која дава објаснување колку долго нашата кожа е заштитена од УВБ зраците, при изложеност на сонце. УВБ зраците полесно се филтрираат и тие не ги пенетрираат прозорците.
Често во временските прогнози или на интернет, се среќаваме и со изразот УВ индекс. Тој претставува интернационален стандардизиран начин за мерење и соопштување на моќта (во поглед на изгореници на кожата) која ја имаат УВ зраците на одредено место и во одредено време. Скалата се движи од 1 до над 11, а повисока вредност значи и поголема моќност.
Како влијаат УВ зраците на нашата кожа?
Иако согледавме дека УВА и УВБ зраците имаат различен ефект врз нашата кожа, двата типа се сериозно штетни и опасни по здравјето на кожата. Изложеноста на сонце, односно на ваквите зраци, без соодветна заштита, може да доведе до генетски промени или мутации кои се всушност причина за појава на ракот на кожата. Покрај тоа, УВ зраците, особено УВА имаат сериозен ефект врз предвременото стареење на кожата.
УВ изложеноста која довела до изгореници на кожата го зголемува ризикот за појава на меланом – најсериозниот и најопасен облик од трие типови на рак на кожа. Се проценува дека повеќето случаи на немеланомен и голем дел од меланомниот рак на кожата е поради изложеноста на УВ зраци.
Исто така, УВ изложеноста е кумулативна, што значи дека честа изложеност го зголемува ризикот од појава на заболувања на кожата со текот на времето. Телото има начини како да репарира дел од оштетената ДНК во клетките, но доколку оштетувањето е посериозно, механизмите за репарација се недоволно ефективни, а тоа може да доведе до појава на рак.
Фактори кои влијаат врз моќноста на УВ зраците
Треба да напоменеме дека не секое изложување на сонце е штетно. Знаеме дека сончањето (поконкретно УВБ зраците) допринесува и во синтезата на витаминот Д. Но, постојат повеќе фактори од кои ќе зависи каков ефект ќе има сонцето врз нашето здравје и кожа. Дел од овие фактори се:
Делот од денот кога се изложуваме на сонце – УВ зраците се најсилни во перидот од 10 – 16 часот и ваквиот период треба да се избегнува или да се користи соодветна заштита.
Годишното време – УВ зраците се најштетни и најсилни во пролетта и летото, но тоа е помалку изразено доколку локациски се доближувате до екваторот.
Надморска височина – колку сте на повисока надморска висина, толку се зголемува количеството на УВ зраци што пристигнуват до вашата кожа.
Облачноста – ефектот кој го имаат облаците е варијабилен, но треба да се внимава дека некогаш УВ зраците пенетрираат и преку нив.
Рефлексијата – УВ зраците може да се рефлектираат од површини како вода, песок, снег или бетон, а тоа доведува до дополнителна и зголемена изложеност.
Како да се заштитиме?
Главниот проблем или мисконцепција е што луѓето користат и помислуваат на заштита од сонце, само во летниот период, кога се на одмор, на некоја плажа и сл. Штетноста од изложеност на сонце и ризикот кој истата го носи е реална и сериозна и во секојдневието, а како што спомнавме, може да има кумулативен штетен ефект. Повторно ќе напоменеме дека умерена изложеност, во точно определен дел од денот, може да има позитивно влијание врз нашето здравје. Но, при подолго време поминато на сонце, неопходна е употреба од некој вид на заштита, а тоа може да биде:
Носење на лесна облека, која по можност ги покрива и рацете и нозете. Ова е навистина едноставен и ефективен начин на заштита на кожата.
Носете капа, шешир или било каква заштита од сонце на главата, но внимавајте и не ги заборавајте ушите.
Носете очила кои штитат од УВ зрачења. На овој начин ги штитите очите, но и нежната, тенка кожа околу нив.
Доколку мора да излезете во периодот кога зрачењето од сонцето е најсилно, обидете се да се заштитите под сенка.
Користете крема, спреј или било каков производ кој дава заштита од сонце. На пазарот постои навистина голем избор на креми и употребата на било која ќе има позитивен и заштитувачки ефект. Внимавајте на SPF факторот, односно настојувајте да употребувате производи со висок (50+) фактор, бидејќи така се зголемува заштитата од сонце. Обидете се и користете вакви продукти преку целата година, не само во летните денови.
При аплицирањето, користете повеќе од продуктот за да добиете еднаков, подебел слој врз вашата кожа. По 2-3 часа или по капење, не заборавајте да нанесете нов слој.
Извор: Доктор Митов