Во Република Македонија минатата година се родиле 19 031, а умреле 25 755 лица, со што е евидентиран негативен природниот прираст од 6724 луѓе.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија, минатата година во градските подрачја живородени се 11 258 деца или 59.2 % од вкупниот број на живородените деца, додека 7 773 или 40.8 % деца се живородени во селските подрачја.
Најголемо учество во однос на вкупнот број раѓања по региони има Скопскиот со 38.8 %, а најмало Источниот Регион со 6.1 %.
Просечната возраст на мајката при вкупниот број раѓања во градските подрачја изнесува 29.8 години, а 28.4 години во селските подрачја. Просечната возраст кај првите раѓања во градските подрачја изнесува 28.1 година, а во селските подрачја 25.9 години. При првото раѓање, мајката од селските подрачја е помлада за 2.2 години.
Во градските подрачја умреле 15 948 лица или 61.9 %, а 9 807 лица или 38.1 % умреле во селските подрачја. Најголемо учество во однос на вкупнот број умрени лица, по региони, има Скопскиот со 28.5 %, а најмало Вардарскиот Регион со 8.1 %. Во градските подрачја има 64 умрени доенчиња, додека во селските подрачја 44.
Просечната возраст на умрените лица во градските подрачја изнесува 73.1 година, а во селските 73.6 години.
Природниот прираст е негативен и изнесува -4 690 лица во градските подрачја и -2 034 лица во селските подрачја. Само Скопскиот регион бележи позитивен природен прираст, а останатите региони бележат негативен природен прираст.
Податоците за внатрешните миграции, во рамките на истиот регион, покажуваат дека најголемо учество од 37.6 % имаат преселбите од село во град наспроти меѓуградските преселби со 8.7 %.
Во вкупните миграции на ниво на регион од село во град, најголемо учество има Источниот Регион со 50.9 %, додека во Полошкиот Регион најголемо учество имаат меѓуселските преселби, кои учествуваат со 54.2 %.
Салдото на надворешните миграции е најголемо во Скопскиот Регион, 785 лица, а најмало во Југoисточниот Регион, односно -129 лица.