Со свечена академија и музичко-културна програма вчера во Тетово се одбележаа 250 години од раѓањето на просветителот, народниот учител и игумен Лешочки, Кирил Пејчиновиќ – Тетоец.
Настанот го организираше Комисијата за односи меѓу верските заедници и религиозни групи, пред платото од новата управна зграда на Музејот на тетовски крај, објектот познат како поранешен Дом на Армијата. Слово за ликот и делото на просветителот Кирил Пејчиновиќ одржа поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан.
„Ние вечерва чествуваме 250 години сеќавање и споменување, и тоа за каква личност и за какво дело. За такви што живот значат и живот зрачат, а отецот Кирил е личност со дело што облагородува, што поправа и издигнува ‘скотоподобната ништожност‘, како што тој милувал да каже. А, сега и за сите времиња, нам на аманет, завет и исполнување ни се остaвени сите слова и поуки кои се сумирани во онаа негова позната мисла „Чуајте ја верата и никоаш немојте да ни го забраете мојов манастир““, истакна г. г. Стефан.
Дел од настанот беше изложба на еден од најдобрите тетовски и македонски академски сликари Павле Кузмановски, а беа изложени 24 уметнички дела – портрети.
Плакета за особен општествен придонес и создавање трајни вредности беа доделени на организации и институции кои го носат името на Кирил Пејчиновиќ како и на поединци, а во музичкиот дел од програмата премиерно беа две песни по текстови на Блаже Конески – „Река“ и Молитва“.