Викендов и официјално беше потврдена највисоката температура некогаш измерена на Антарктикот. Светската метереолошка организација објави дека на 6 февруари 2020 година биле измерени неверојатни 18.3 степени Целзиусови во аргентинската станица Есперанца на Антарктичкиот полуостров, што воедно претставува и рекорд.
Пред конечната потврда за секој нов рекорд на температура, СМО секогаш врши прецизна проверка на мерните уреди. Претходниот рекорд беше 17,5 Целзиусови степени измерени на истото место во 2015 година.
„Антарктичкиот полуостров (северозападниот врв близу Јужна Америка) е еден од регионите со најголемо затоплување на планетата, речиси три степени Целзиусови во последните 50 години. Овој нов рекорд на температурата е во согласност со досегашните климатски промени“, изјави првиот човек на СМО, Петери Таалас.
Антарктикот е 14 милиони квадратни километри или околу два пати поголем од Австралија. Просечната температура се движи од -10 степени на брегот на Антарктикот до -60 на највисоките делови на ентериерот.
Но високите температури во одредени периоди предизвикаа топење на антарктичките глечери и глечерските капи во океанот. Нивното зголемено топење влијае врз нивото на морето, предупреди Александар Хауман од Универзитетот во Принстон.
„Во западен Антарктик, во последните 30 години има зголемено топење, побрзо од кое било поголемо топење на мразот забележано од последното ледено доба“, рече Хауман.
Ледената плоча е дебела и до 4,8 километри и содржи 90 отсто од светската свежа вода, што е доволно да се подигне нивото на морето за околу 60 метри ако се стопи.