По повеќе од 10 години вратен во функција е базенот во Центарот за физикална терапија во болницата Св. Еразмо во Охрид.
Објектот во болницата Св. Еразмо во Охрид уште од 1950 година ги опслужуваше пациентите од сите поранешни УЈ земји, а сега за првпат по долгогодишна руинираност се обновува и става во функција за третман на пациенти.
„Од денеска овој центар ќе почне да функционира со полн капацитет бидејќи со овој проект го реконструиравме постоечкиот базен за физикална терапија, направивме градежни зафати за енергетска ефикасност и посебна инфраструктура за загревање на базенот со обновливи извори на енергија, а го опремивме и центарот за физикална терапија со сите потребни помагала за корисниците/пациентите“, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
„Базенот којшто денеска го пуштаме во функција е единствен базен којшто во болнички услови во нашава земја во којшто може да се изведува специфична рехабилитациона терапија после изведените ортопедски хируршки интервенции. Единствен базен во јавно-здравствена установа којшто има опрема и топла вода специфично направен за да овие пациенти закрепнат за што пократко време, односно голем дел од нив на овој начин проодуваат“, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Според Ацо Велески, директор на Св. Еразмо, Охрид, овој проект е доказ како брзо и едноставно можат да се решат проблемите кога сите заедно, секој во граници на своите можности соработуваме, стремејќи се кон остварување на племенити цели.
„Со реализација на овој проект кој е од огромно значење за целиот Југозападен регион, крајниот бенефит ќе биде кај пациентите, кај кои во процесот на рехабилитација, хидротерапијата е неопходна за што побрзо и поефикасно враќање во нормален, секојдневен живот и активности. Тоа се однесува за ортопедско-трауматолошките пациенти, било тие да се лекуваат оперативно или конзервативно, за невролошките и неврохируршките пациенти, за пациентите со дегенеративни заболувања, за младите со вродени деформитети на локомоторниот апарат и деформитети на ‘рбетниот столб, за пациентите со церебрална парализа и многу други заболувања“, рече Велески.