Во очекување на објава на јавниот тендер за јавно наддавање кој треба да го објави АЕК, 4 компании покажале интерес за учество на тендерот за 5Г.
Регулаторното тело на 1 јуни годинава објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за издавање ограничен број одобренија за користење на радиофреквенции и отвори јавна расправа која траеше до 5-ти месецов.
Македонски телеком, А1 Македонија, Битстрим Мобиле и Неотел се четирите компании кои пратиле писма до АЕК дека сакаат да учествуваат на јавното наддавање.
Имено, согласно Националниот оперативен бродбенд план до крајот на 2023 година оние компании кои ќе добијат одобрение за национално покривање се должни со новоиздадените и постоечките одобренија за користење на радиофреквенции да обезбедат покриеност на најмалку еден град со 5Г сигнал. До крајот на 2027 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал, а до крајот на 2029 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.